Не сакаме да создадеме ситуација во која граѓаните на Западен Балкан ќе бидат третирани полошо отколку што дозволува здравствената состојба во регионот. Но, ЕУ не сака на кој било начин да го загрози напредокот што е постигнат во борбата против пандемијата, вели портпарол на ЕК
Европската комисија го поздравува напредокот на земјите од Западен Балкан во однос на епидемиолошката состојба и вакцинацијата, но, како што нагласуваат оттаму, треба да се биде трпелив додека регионот конечно не биде ставен на списокот на „безбедни“ земји, чии граѓани нема да бидат ограничувани при влегувањето во ЕУ.
„Не сакаме да создадеме ситуација во која граѓаните на Западен Балкан ќе бидат третирани полошо отколку што дозволува здравствената состојба во регионот. Но, ЕУ не сака на кој било начин да го загрози напредокот што е постигнат во борбата против пандемијата и сето тоа со цел што побрзо да биде во ситуацијата за да може да се ослободи од сите ограничувања и сите да имаат можност да патуваат“,
рече портпаролот на Комисијата, Аделбер Јанц.
На констатацијата на медиумите дека граѓаните на Западен Балкан се изолирани повеќе од една година и дека последните епидемиолошки податоци покажуваат дека земјите од регионот ги исполнуваат основните критериуми предложени од ЕК како услов за вклучување во список на „безбедни“ земји., од Комисијата велат дека ги разбираат очекувањата на граѓаните на Западен Балкан, но останува на земјите членки да донесат одлука за проширување на списокот, кој се ревидира на секои две недели.
„Советот на ЕУ ја зема предвид целата листа со критериуми, не само вкупниот број случаи по глава на жител, туку и трендовите на нови случаи, бројот на тестови, процентот на позитивни тестови и целокупниот одговор на ковид-19 . Станува збор за опсежна, а не чисто нумеричка проценка, што е целосно во рацете на земјите членки“,
објаснува Јанц.
Тој потсетува дека Комисијата препорача земјите членки да дозволат патување во ЕУ за сите патници што примиле вакцини одобрени од ЕМА и дека со тоа веќе е дозволено патување за голем број граѓани од Западен Балкан.
„Ние не ја доведуваме во прашање нашата посветеност кон Западен Балкан, особено кога станува збор за безвизно патување. Ние само се обидуваме да ја потиснеме пандемијата, која продолжува да се заканува и покрај напредокот во здравствената заштита и вакцинацијата“,
заклучува Јанц.
Од Комисијата додаваат дека прашањата за политиката на проширување на ЕУ и борбата против пандемијата не треба да се ставаат во ист кош, односно дека ќе биде голема грешка да се игнорира воспоставениот механизам за борба против пандемијата во ЕУ од политички причини, како што е поддршката за проширување кон Западен Балкан.