„Во овој случај не се работи за дискриминаторска основа, постои нееднаков третман, но не и дискриминација. Институциите треба да преземат мерки за обезбедување еднаков третман на сите граѓани во постапките на промена на важечки документи со новото име на државата“, сметаат од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација

Од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) ги повикуваат институциите да преземат мерки за обезбедување еднаков третман на сите граѓани во постапките на промена на важечките документи со новото име на државата.
Од КСЗД сметаат дека се прави нееднаков третман кон граѓаните кои промениле важечки документи со новото име на државата и за истите платиле.
Ставот на Комисијата доаѓа по вчерашната одлука на Владата за бесплатно вадење на возачки дозволи и сообраќајни дозволи.
„Во овој случај не се работи за дискриминаторска основа, постои нееднаков третман, но не и дискриминација. Институциите треба да преземат мерки за обезбедување на еднаков третман на сите граѓани во постапките на промена на важечки документи со новото име на државата“,
се наведува во соопштението од КСЗД.
Оттаму потсетуваат дека сите граѓани имаат еднакво право на важечки лични документи.
„Потфрлањето на државата да обезбеди важечки лични документи може да ги повреди останатите права на граѓаните како правото на слободно движење, правото на работа, правото на здравствена заштита итн. Ги поздравуваме мерките кои ги презема Владата за да обезбеди лични документи на сите граѓани, но истите се ненавремени со што се наруши правната сигурност на граѓаните“,
дополнуваат оттаму.
Вицепремиерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи вчера соопшти на дека владина седница била донесена одлука промената на возачките и сообраќајните дозволи ќе биде бесплатна за граѓаните, исто како и издавањето на патните листови за оние што живеат надвор од државата, а имаат потреба да се вратат во земјава за да извадат нова патна исправа.
Според Битиќи, на седницата било разговарано и за тоа што ќе се случи со оние граѓани што веќе извадиле лични документи, како и кој на нив ќе им ги врати парите и рече дека очекува во наредниот период да се најде решение и за нив.
