Повисок степен на доверба уживаат и полицијата и религиозните институции, според „Еврометар“ – истражување на Центарот за европски стратегии „Евротинк“
Од вкупно 1 001 испитаник, 72 отсто немаат доверба во судовите во Македонија. Најмала доверба кај граѓаните уживаат судството и обвинителството, односно само 8 отсто од граѓаните веруваат во нивната работа.
По нив следува Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) на која и веруваат само 10 отсто од испитаниците, а 68 проценти не веруваат во нејзиното работење. Овие податоци укажуваат на ниско ниво на доверба во системот за обезбедување на кривична правда и борба против неказнивоста, што е особено значајно во периодот кога од државата се очекува да покаже значајни резултати во борбата против организираниот криминал и корупцијата, според „Еврометар“ – истражување на Центарот за европски стратегии „Евротинк“.

За разлика од судовите и обвинителствата, граѓаните најголема доверба имаат во армијата, претседателот и религиозните институции. На армијата и веруваат најголем број од испитаниците или 49 отсто. Претседателот е на второто место – му веруваат 31 отсто од испитаниците, а во религиозните институции веруваат 30 проценти од испитаните граѓани. Полицијата е на четврто место, а на неа и веруваат 25 отсто од испитаниците.
За работењето на полицијата преовладува негативното мислење
Во однос на работењето на полицијата, доминира негативниот став во евалуацијата на сите мерни аспекти. Сепак, 30 отсто од испитаниците се на мислење дека полицијата е професионална во своето работење, 26 проценти сметаат дека ефикасно работи, а 22 отсто сметаат дека е транспарентна. Околу 20 проценти од испитаниците сметаат дека работењето на полицијата е отчетно, 16 отсто, пак, сметаат дека полицијата ги зема предвид мислењата и потребите на граѓаните во донесувањето на одлуките и 13 проценти дека полицијата е независна од партиските, владините и бизнис-интересите.

Интересно е да се потенцира дека во случајот на испитаниците кои имале лично искуство со полицијата, нивниот став во однос на професионалноста на полициските службеници е позитивен, за разлика од генералниот негативен став за професионалноста искажан во претходните прашања. Како што се наведува во анализата, ова наметнува дилема дека формираниот генерален став за работењето на полицијата е моделиран од други фактори, а не врз основа на личното искуство.
Од вкупно 14 отсто од испитаниците кои имале личен контакт со полициските службеници, речиси две третини (што е 10 отсто од вкупниот број испитаници) кажале дека полициските службеници имале професионален однос во работењето.
