Тоа е разликата помеѓу бројот на гласачи кои до 11 часот излегле да гласаат за парламентарните избори, но се одлучиле да не земат ливче за претседателските избори
Во моментот на објавување на овој текст, на интернет страницата на Државната изборна комисија се објавени податоците за излезеноста до 11 часот и тоа по обработени 98,41% од избирачите за денешните претседателски и 98,51% обработени избирачи за парламентарните избори.
Според тие податоци, веќе е јасно видливо дека дел од гласачите ги бојкотираат претседателските избори. Попрецизно, до 11 часот, по обработени 98,51% од избирачите, за пратеници гласале 13,66% од гласачите, додека за претседател гласале 12,47%, по обработени 98,41% од избирачите. Во процентни поени, тоа е разлика од околу 1,19%.
Како што покажува табелата подолу, ако тие податоци се споредат со првиот круг на претседателските избори, видливо е дека излезеноста на денешните парламентарни избори до 11 часот е повисока од излезеноста на првиот круг од претседателските избори. Но, во исто време, излезеноста до 11 часот на првиот круг од претседателските избори била повисока од излезеноста на вториот круг од претседателските избори во истиот временски период. Податоците за излезеноста на првиот круг од претседателските избори се по обработени 98,98% од избирачите.

Ако, пак, се земат во предвид апсолутните бројки, тоа значи дека, грубо, околу 21 500 граѓани кои денеска гласале на парламентарните избори, одлучиле да ги бојкотираат претседателските. Попрецизно, на обработени 98,51% од избирачите за парламентарните избори, бројот на гласачи кои го оствариле граѓанското право изнесува 244 325. Во исто време, на вториот круг од претседателските избори, по обработени речиси идентични 98,41% од избирачите, на гласање излегле 222 666 граѓани. Разликата изнесува 21 659 со потенцијал за мали промени поради преостанатите необработени избирачи.
Ова значи и дека, споредено со првиот круг од претседателските избори, на вториот круг од претседателските избори излегле околу 6 500 помалку гласачи до 11 часот. На 24 април, до 11 часот и со обработени 98,98% од избирачите, на гласање беа излезени 229 218 граѓани.

За вториот круг од претседателските избори да биде успешен, односно да се избере претседател, потребно е на гласање да излезат најмалку 40% од вкупниот број на запишани избирачи. Во апсолутни бројки, тоа значи дека од вкупните 1 814 317 избирачи, на гласање треба да излезат најмалку 725 727 гласачи.