Велиај (46), кој е градоначалник на Тирана во три последователни мандати, беше уапсен во понеделникот под обвинение за пасивна и активна корупција, перење пари и непријавување имот, по што му беше изречена мерката затворски притвор
Специјалниот суд против организиран криминал и корупција доцна синоќа ја потврди претходно донесената мерка, со која градоначалникот на Тирана, Ерион Велиај, останува во затворски притвор. Мерката ќе ја издржува во затворот во Драч.
Во суд, повеќе од седум часа, освен Велиај беа испрашувани и неговата сопруга Ајола Џоџа и шест бизнисмени, а судското тело повеќе од два часа одлучуваше околу мерките.
На Џоџа мерката куќен притвор ѝ е заменета со јавување двапати месечно во судот, а одземен ѝ е и пасошот и забрането ѝ е напуштање на земјата.
Еден од бизнисмените доби затворски притвор, додека за останатите е потврдена првата мерка за јавување во судот.
Адвокатите за Велиај побарале ослободување од притвор со парична гаранција, но нивното барање било одбиено поради можноста тој да побегне од земјата.
Велиај (46), кој е градоначалник на Тирана во три последователни мандати, беше уапсен во понеделникот под обвинение за пасивна и активна корупција, перење пари и непријавување имот, по што му беше изречена мерката затворски притвор.
Во реакција на социјалните мрежи, од притвор, тој го изрази своето незадоволство од тековниот процес, нарекувајќи го нефер и апсурден, додавајќи дека ниту тој, ниту членовите на неговото семејство немаат никаква поврзаност со зборот корупција.
Во текот на денот, за време на целата расправа, пред судот беа вработените во општинската администрација, како и граѓани, во знак на поддршка.
Кон крајот на декември минатата година, Специјалното обвинителство на Албанија објави дека се води истрага против градоначалникот на Тирана и неговото семејство за корупција, перење пари и прикривање имот.
„Утврдено е дека има конкретни докази дека членовите на блиското семејство и други роднини на градоначалникот добивале незаконски бенефиции преку неколку фирми и поединци што имаат директни интереси во општина Тирана“,
се вели во соопштението на Обвинителството.
Градоначалникот на Тирана првпат бил испрашан на 28 декември, кога изјавил дека е наместен.
Според неговата одбрана, истрагата е злонамерна и спротивна на законот.