Градоначалникот на Мариупол, Вадим Бојченко, денеска изјави дека во центарот на градот се водат улични борби, што, според него, ги попречува напорите за извлекување на неколку стотици луѓе кои се блокирани во подрумот на театарот.
Тој истакна дека специјални тимови можат да ги расчистат урнатините и да ги заштитат луѓето само ако прекинат борбите.
„Има тенкови, гранатирања, се пука од разни видови оружје. Нашите сили прават сè што можат за да ја задржат својата позиција во градот, но непријателските сили се побројни од нашите, за жал“,
рече Бојченко за „Би Би Си“.
Тој не можеше да процени колку луѓе успеале да побегнат од таа област во претходните 24 часа.
Олексеј Арестович, советник на украинскиот претседател, денеска истакна дека властите не забележале дека има значително поместување на границите на одвојување меѓу украинските и руските сили. Тој нагласи дека се водат борби во Мариупол, Николаев, Керсон и Изум, каде руската армија е во офанзива.