Постојат разлики помеѓу изведените работи и прикажаните работи во фактурите од страна на економскиот оператор, односно тие не се совпаѓаат, објави вечерва на својот Фејсбук профил градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски
Комисијата за теренска проверка на договорите за уличното осветлување во Општина Гази Баба утврди дека постојат разлики помеѓу изведените работи и прикажаните работи во фактурите од страна на економскиот оператор, односно тие не се совпаѓаат, објави вечерва на својот Фејсбук профил градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски.
„Извештајот е поткрепен со фотографии. По ваквиот извештај од комисијата, евидентно е дека е направена штета врз буџетот на општина Гази Баба. Поради тоа за утре 26.01.2022 година во 11:30 часот закажав прес конференција на која на јавноста ќе ги претставиме утврдените разлики. Парите во буџетот на општината се пари на граѓаните и никој нема право да ги злоупотребува. Од мене граѓаните ќе имаат транспарентно и отчетно работење, бидејќи граѓаните имаат право да ја знаат вистината“,
напиша Стефковски.
Тој вели дека ова негово тврдење е вр основа на извештајот на оваа Комисија за спроведената проверка.
Претходните денови, ВМРО-ДПМНЕ во повеќе наврати обвини дека претходниот градоначалник Борис Георгиевски дека склучувал договори за јавни набавки на улично осветлување на места каде што веќе имало, а во договор од 17 август склучил договор за реконструкција на улично осветлување со лед светилки и софтвер за истите за паметно осветлување и тоа во вредност од 1.7 милиони евра со ДДВ со фирмата ЕЛМОНД ЕЛЕКТРО од Скопје, при што во договорот кој го склучил со истата се обврзал 20% од договорената сума да ја исплати авансно, односно пред да отпочне работата.
Овој договор за авансна исплата Георгиевски го склучил 1 месец пред избори, велат од ВМРО-ДПМНЕ и за наредните денови најавија дека ќе обават и други договори.
Георгиевски реагираше на ваквите обвинувања, истакнувајќи дека проектот а СМАРТ осветлување е еден од проектите кои ВМРО-ДПМНЕ ги кочи од 2019 година.
Тој објаснува дека овој проект предвидува етапна комплетна замена на сите улични светилки со смарт штедливи светилки, односно, конкретно во овој повик станува збор за замена на 4 000 улични натриумови светилки со лед светилки.
„Да ви ја разјасниме и дилемата во новата лага зошто бил распишан нов јавен повик – затоа што претходните повици се однесуваат за одржување на постојните линии со натриумови светилки, а овој повик е за набавка и поставување на смарт лед светилки. Две сосема различни работи. Авансното плаќање е предвидено во тендерските услови и служи за набавка на дел од техничката опрема предмет на јавната набавка, бидејќи остатокот од инвестицијата предвидено е да се плаќа одложено на 36 рати и тука повторно нема ништо спорно. Изведувачот пред добивањето на авансот, согласно договорот, треба да приложи банкарска гаранција до општината што е и услов за исплаќање на авансот за набавка на техничката опрема, што значи повторно нема ништо спорно. Рокот за имплементирање на овој договор е 8 месеци, односно наплатата на преостанатите 80% од средствата се извршува по целосното имплементирање на проектот“,
вели Георгиевски во реакцијата.