Нашите непријатели прават се што можат овој град да го остават без греење, без струја и без вода, за да умреме сите, вели градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко
Киев се соочува со можни прекини на електричната енергија и на водоводните и топлинските мрежи поради руските напади, вели градоначалникот Виталиј Кличко во изјава за украинската државна телевизија.
,,Жителите на главниот град треба да обезбедат залихи и да размислат за привремено иселување”,
рече Кличко.
Тој ова го наведе како најлошо можно сценарио.
,,Правиме се што можеме за да не дојде до тоа. Но, ние сакаме да бидеме отворени. Нашите непријатели прават се што можат овој град да го остават без греење, без струја и без вода, за да умреме сите”,
изјави градоначалникот на Киев.
Тој проценува дека во градот има околу три милиони луѓе, вклучувајќи 350 000 внатрешно раселени лица.
Киев се обидува да ја стабилизира својата електрична мрежа со повремени рестрикции што оставаат делови од градот во темница по неколку часа и поставува околу 1 000 помали топлани во случај да дојде до прекин на топлинската мрежа.
Кличко, познат како поранешен светски шампион во бокс, го обвини рускиот претседател Владимир Путин дека сака да ја уништи Украина како нација.
,,На Путин не му требаме ние Украинците. Му треба регионот, му треба Украина без нас”,
оцени Кличко.