Според соопштението кое попладнево Град Скопје го испрати до медиумите, Александар Трајановски не ја извршува функцијата заменик-градоначалник повеќе од три месеци, откако е разрешен на 19 декември лани
Александар Трајановски не може да си поднесе оставка бидејќи од оваа функција е разрешен пред три месеци, реагира раководството на Град Скопје откако претходно денеска заменикот на градоначалничката Данела Арсовска објави дека поднесува оставка од заменик-градоначалничката функција во Градот.

Според соопштението кое попладнево Град Скопје го испрати до медиумите, Трајановски не ја извршува функцијата заменик-градоначалник повеќе од три месеци, откако е разрешен на 19 декември лани. Давајќи образложение зошто е разрешен, оттаму посочуваат оти Трајановски го нарушил углегот на Град Скопје, не ги извршувал своите работни задачи и не ја исполнувал својата функција како заменик-градоначалник.
„Поточно, ова лице нема вкупно три активни минути на својата функција. Единственото барање на ова лице за кое е свесна градската администрација е неговата желба да добие канцеларија, службено возило и службен телефон. Друга комуникација, уште помалку во смисла на активен придонес кон работата на градот ова лице немало во последните две години“,
наведуваат од Град Скопје во писменото соопштение.
Од Градот ги отфрлија како лажни и несериозни обвинувањата на Трајановски дека со Градот раководи, како што рече тој, екипа од ДУИ и Сарај. Велат оти кадровски решенија не биле донесени две години поради неизгласани палнови за вработување, а доколку истото би се реализирало, како што додаваат, би било врз основа на распишан оглас, со единствен критериум за исполнување на квалификациите и избор на најдобрите кандидати.
„Доколку на Трајановски ништо не му сметало во градот Скопје повеќе од три години па се до неговото разрешување во декември 2024 година, прашање е зошто би му сметало сега. Тажно е да се гледа како млади луѓе се ставаат во функција на полтрони на владејачкото мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ и ‘Вреди’“,
додаваат од Град Скопје.Заменик-градоначалникот на Град Скопје, Александар Трајановски, на почетокот на денешната седница на Советот на Град Скопје објави дека поднесува неотповиклива оставка од функцијата. На ваков чекор, како што рече, се одлучил поради постојаниот мобинг, изживување и репресирање на вработените во Град Скопје и јавните претпријатија од страна на администрацијата на градоначалничката Данела Арсовска. Во образложението на причините за оставката наведе и дека со Градот раководи и владее, како што кажа, екипа од Сарај и ДУИ.
