Системот овозможува увид во локацијата, маршрутата, брзината, времето поминато во движење, но и потрошувачката на гориво. Преку специјални сонди се следи нивото на горивото во резервоарите, со што директно се откриваат евентуални нелогични трошоци

Град Скопје воведува систем на целосна контрола и мониторинг на сите службени возила со кои располагаат градот и јавните претпријатија. Оваа мерка има за цел намалување на непотребните трошоци, спречување на евентуални злоупотреби и поефикасно управување со јавните средства.
Како што соопштуваат од Град Скопје, возилата се опремени со џи-пи-ес уреди и се следат во реално време преку современ мониторинг-центар. Системот овозможува увид во локацијата, маршрутата, брзината, времето поминато во движење, но и потрошувачката на гориво. Преку специјални сонди се следи нивото на горивото во резервоарите, со што директно се откриваат евентуални нелогични трошоци.
„Секое возило, секој километар и секој литар гориво мора да има оправдување. Градскиот буџет е сопственост на граѓаните и со него мора да се управува домаќински, одговорно и транспарентно“,
порачуваат од Град Скопје.
Од градот информираат дека ваквиот пристап веќе ги дал првите резултати. Имено, ЈСП „Скопје“ во првите шест месеци од годинава оствариле заштеда од околу половина милион евра за гориво, иако во тој период биле вклучени дополнителни 50 возила во споредба со истиот период лани.
Од Град Скопје дополнуваат и дека градоначалникот користи сопствено возило за кое самиот ги покрива трошоците за гориво, додека службениот автомобил што го користеле претходните градоначалници е ставен на располагање за потребите на градските служби.
Заштедените средства, како што велат од градската администрација, ќе бидат пренасочени кон проекти од директен интерес за граѓаните – подобрување на јавниот превоз, патна инфраструктура, паркови, училишта и култура.
