„Министерката како застапник на овој спорен проект за реконструкција на Универзална сала веројатно не е информирана и воопшто нема познавања за состојбите. Доколку по средбата сè уште смета дека стариот проект може да продолжи, да потпише изјава со која лично ќе гарантира за исправноста на постоечкиот проект за реконструкција на Универзалната сала и за безбедноста на Скопјани“, велат од Град Скопје
Град Скопје упати јавна покана до министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска за присуство на отворена работна средба на која ќе и се презентираат, како што велат од Град Скопје, факти за грешките во проектната документација за реконструкцијата на Универзална сала, откако вчера градоначалничката Арсовска изјави оти проектот за Универзалната сала е полн со недостатоци, за што го обвини претходното градско раководство.
„Министерката како застапник на овој спорен проект за реконструкција на Универзална сала веројатно не е информирана и воопшто нема познавања за состојбите. Доколку по средбата сè уште смета дека стариот проект може да продолжи, да потпише изјава со која лично ќе гарантира за исправноста на постоечкиот проект за реконструкција на Универзалната сала и за безбедноста на Скопјани“,
велат во писмено соопштение од Град Скопје.
Вчера, на прес-конференција, градоначалничката Арсовска истакна оти по направениот увид во проектната и техничката документација за реконструкцијата на Универзалната сала, составувани уште во време на владеењето на СДСМ со Град Скопје, утврдени се грешки и недостатоци во проектот што би ја загрозиле безбедноста на граѓаните.
По нејзиното излагање, со реакција се јавија и од СДСМ од каде, пак, истакнаа оти „целосно е неточно дека проектот за изградба на Универзална сала е небезбеден. Проектот е професионално сработен и одобрен низ повеќе постапки од стручни лица и целосно е безбеден“.
„Самиот проект уште на почетокот е пратен на мислење на Градежен факултет од каде е одобрен и тоа одобрување Град Скопје го има. Понатаму, пратен и одобрен и од Институтот за сеизмолошки истражувања со што се потврдува неговата безбедност и стабилност за градба. Надзорот на изградбата ги има исто така одобрено сите градежни зафати. Не постои ниедна постапка или процедура за изградба на Универзална сала која не е запазена во целост“,
стои во реакцијата на СДСМ.