Град Скопје на денешната седница која се одржа на отворено на платото пред големата сала на Советот, најави ребаланс на општинскиот буџет за справување со последиците од коронавирусот.
Градоначалникот Петре Шилегов најави дека наместо за изградба на новиот луна-парк, Градот ќе се задолжи 12 милиони евра, за изградба и реконструкција на улици и друга инфраструктура.
„Ги уверувам нашите сограѓани дека ова лето улиците во Скопје ќе продолжат да се градат, багерите повторно ќе работат. Ќе продолжат да се прават големите паркови што ги почнавме, мостовите и реновирањето на јавниот превоз. Ќе продолжиме да ги даваме истите социјални услуги и ќе ги адаптираме културните содржини на околностите додека не ги отвориме повторно. На крајот ќе подвлечам дека фокусирани сме на враќањето на парите назад во стопанството, преку обезбедувањето на повеќе средства за капитални инвестиции и одлагање на неприоритетните инвестиции како луна-паркот“,
изјави Шилегов
Градоначалникот изјави дека општинската каса бележи суфицит и дека е во можност да се откаже од дел од средствата од приходните ставки, со цел да се ослободат повеќе пари во економијата.
За таа цел на седницата беше одлучено комуналната такса за закуп на јавен простор да се намали од 15 на 5 денари по квадрат за цела 2020 година, да се намали фирмарината за 2020 година за стопанските субјекти од 7 000 на 4 000 денари. Истовремено информираат дека комуналиите ќе можат да се плаќаат на 18 наместо на 12 месечни рати и им се препорачува на училишните одбори закупувачите на простор во средните училишта да бидат ослободени од месечните кирии до завршување на вонредната состојба.