Ваква реакција имаат денеска од Градот Скопје во однос на изјавата на градоначалникот на Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, кој најавата за донација на автобуси „соларис“ од Белград рече дека говори за несериозниот пристап на градоначалничката на Скопје и неможноста да се справи со предизвиците
Ако ја следиме логиката на Орце Ѓорѓиевски, тогаш сите градоначалници во земјава според него се неспособни да си ја вршат работата, а особено градоначалниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во чии општини има јавен превоз. Ваква реакција имаат денеска од Градот Скопје во однос на изјавата на градоначалникот на Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, кој најавата за донација на автобуси од Белград рече дека говори за несериозниот пристап на градоначалничката на Скопје и неможноста да се справи со предизвиците.
Од Град Скопје посочуваат дека потенцијалната донација на автобуси од Белград, според информациите во медиумите, не се однесува само на главниот град, туку на сите градови во земјава кои имаат јавен превоз.
„Дополнително, со оваа изјава на Ѓорѓиевски се потврдува информацијата пласирана во јавноста во изминатите денови од лице блиско до руските структури во земјава и истовремено блиско до ВМРО-ДПМНЕ, на кое пред две години му беше оневозможено да врши дејност во Скопје поради сомнеж за финансиски малверзации, кое изјави дека планира со 100 автобуси да отпочне повторно со вршење на оваа дејност. Дали со оваа донација од Белград се подготвува ова лице, блиско до ВМРО-ДПМНЕ и руските безбедносни служби, повторно да влезе во дејноста со јавен превоз и со помош на ВМРО-ДПМНЕ да го приватизира ЈСП“,
пишуваат од Град Скопје во писменото соопштение.
Дали ваквата најавена бизнис-зделка, додаваат од Град Скопје, е причина зошто Советот раководен од ВМРО-ДПМНЕ системски го уништува ЈСП „Скопје“, не дозволува набавка на нови автобуси и се исплаќа владиниот долг од осум милиони евра кон ЈСП за превозот на студентите.
„Ѓорѓиевски треба посериозно да се посвети на својата работа, а помалку да се грижи за работата на другите градоначалници. Ова лице како претседател на ЗЕЛС целосно ја киднапираше и политизираше институцијата, поради што за првпат по 50 години постоење градоначалници ја напуштаат оваа сега партизирана организација“,
додаваат од Градот.