Гостиварци денеска излегоа на улиците на седмиот по ред и како што најавија последен протест против поскапувањето на електричната енергија. Организаторите најавија дека нивните барања ќе ги достават преку пратениците до Собранието и се надеваат на институционална разрешница.
Со краток марш и протестен собир пред седиштето на ХЕЦ Маврово, група гостиварци искажа незадоволство против одлуката за поскапување на струјата, јави МИА.
Седмиот по ред протест започна од корисничко енергетскиот центар Гостивар (КЕЦ) на ЕВН по што протестантите пеш заминаа до дирекцијата на Хец Маврово во Гостивар. Таму беше кажано дека заради состојбата во земјата, крајно е неодговорно да се дозволи да поскапуваат услугите и продуктите. Од протестот беше порачано до Регулаторната комисија за енергетика и Владата да ги сфатат пораките на народот сериозно и во најскоро време да се најде најдобро можно решение.
Организаторите најавија дека барањата ќе ги достават како петиција до пратениците и парламентот за да се донесат законски решенија.

На последниот собир беа повторени барањата – Регулаторната комисија за енергетика да ја поништи одлуката за зголемување на цената на електричната енергија за 7,4 проценти, да се намали цената на електричната енергија за 20 проценти, а од Владата се бара да го намали ДДВ-то за енергијата од 18 на 5 проценти и да го прекине монополот на приватната компанија ЕВН.
Собирот и двата објекти беа обезбедувани со засилени полициски сили и помина без инциденти.
Во текот на вчерашниот ден, директорот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимовски, најави дека во тек се разговори меѓу РКЕ и синдикатите за проширување на листата на ранливи категории на граѓани кои не можат да ги плаќаат сметките за струја и ќе бидат опфатени со субвенции за енергетска сиромаштија.
Бислимовски, деноевиве е во центарот на вниманието и поради протестите против одлуката за поскапување на струјата што ги организира најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ.
Тој рече дека партискиот протест го смета за притисок врз работата, а тоа ја известил и Асоцијацијата и енергетската заедница.
„Ги информирав сите земји во ЕРА и во рамките на енергетската заедница за притисоците кои се вршат врз Регулаторната комисија од страна на најголемата опозициска партија. На двата состанока добивме поддршка да не потклекнуваме на притисоците и да продолжиме професионално, стручно и ефикасно да ја извршуваме нашата работа“,
рече Бислимовски.
Во врска со протестите на граѓаните кои се организираа во неколку градови во земјава, РКЕ смета дека тие се легитимни.
„По донесувањето на одлука повремено се одржуваат протести во организација на собири на здруженија и граѓани, кои за РКЕ се легитимни, но протестот организиран од страна на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ која бара укинување на одлуката е директен притисок врз нашата работа“,
се вели во отвореното писмо што РКЕ го испрати до Секретаријатот на Енергетската заедница во Виена, како и дел од меѓународните дипломатските претставници во земјава.