„Проектот беше целосно блокиран и управуван спротивно на законските прописи, но со сериозна работа во изминатиот период го деблокиравме процесот и го насочивме кон транспарентно, професионално и законско функционирање. Ова е визија за модерно, отворено и европско Скопје, град што ја вклучува заедницата, ги поттикнува младите, ги поддржува уметниците и создава услови за силна културна размена“, вели Ѓорѓиевски во изјава што ја пренесе Град Скопје по неговите средби во Брисел со претставници на институциите на ЕУ
Скопје останува Европска престолнина на културата за 2028 година, соопшти денеска градоначалникот Орце Ѓорѓиевски по средбата во Брисел што заедно со министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски и министерот за култура и туризам, Зоран Љутков ја имал со еврокомесарот за меѓугенерациска правичност, млади, култура и спорт, Глен Микалеф во Брисел.

На неа, како што соопштија од Град Скопје, Ѓорѓиевски ја преставил подготвеноста на новата администрација да влезе во нова ера на трансформација на градот по европски стандарди.
Градоначалникот на Скопје, во изјавата, што ја пренесуваат од Град Скопје, најавува, како што вели историска трансформација на главниот град, преку деблокирање на на проектот „Скопје – Европската престолнина на културата за 2028 г.“, воведување транспарентно управување и инвестиција од над 55 милиони евра во клучна инфраструктура. Оваа визија, според него, предвидува модерно, отворено и европско Скопје, кое го вклучува целиот систем од општините до граѓаните.
„Ја претставивме нашата јасна позиција за проектот ‘Скопје – Европска престолнина на културата 2028’ и подготвеноста на градот, со силна меѓуинституционална поддршка, да ја продолжиме реализацијата на оваа важна европска обврска. И денес можам со гордост да кажам, дека Скопје останува Европска престолнина на културата за 2028 година. Како нов градоначалник ја отворам најважната страница за нашиот град, започнуваме историска трансформација што ќе нè подготви конечно да ја носиме оваа титула со достоинство. Проектот беше целосно блокиран и управуван спротивно на законските прописи, но со сериозна работа во изминатиот период го деблокиравме процесот и го насочивме кон транспарентно, професионално и законско функционирање. Ова е визија за модерно, отворено и европско Скопје, град што ја вклучува заедницата, ги поттикнува младите, ги поддржува уметниците и создава услови за силна културна размена“,
вели Ѓорѓиевски.

Скопскиот градоначалник во изјавата, наведува дека 2028 година е е моментот кога Скопје ќе стане јасно присутно на европската и светскаста културна мапа.
Тој додава дека по европски стандарди ќе биде поставена силна и независна управувачка структура, односно меѓународен советодавен борд и професионален тим што ќе го реализира проектот.
Клучните инфраструктурни промени што ги најавува Ѓорѓиевски ги вклучуваат Скопското кале, Аквадуктот, археолошкиот локалитет „Скупи“, Младинскиот културен центар (МКЦ), како и нов Европски центар за култура, зелени магистрали, нови паркови и современи јавни простори.
За реализација на проектите, кои, како што вели Ѓорѓиевски ќе го трансформираат градот, се предвидени над 55 милиони евра.
„Паралелно, го склучуваме и итниот Договор за локална соработка и интеграција – прв од ваков ранг во Скопје, кој ги обединува 10 општини, сите училишта, јавните претпријатија, универзитетите, културните институции, невладини организации, маргинализираните заедници и секој граѓанин што сака да придонесе. Скопје станува еден заеднички систем, една енергија и една визија. Влегуваме храбро. Работиме чесно. Работиме за сите, Скопје – нашата нова европска приказна, започнува сега“,
вели градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
За потестување, Град Скопје беше избран да биде Европска престолнина на културата за 2028 година во септември 2023 година, а одлуката беше соопштена во Куќата на европската историја во Брисел.
„Култура над поделба“ беше слоганот на програмата со која Скопје се претстави пред Европската Унија и го победи вториот финалист, градот Будва од Црна Гора.
