„Секоја општина ќе треба да достави записници од извршените вонредни контроли до ЗЕЛС и тие потоа ќе може да бидат дадени на увид на јавноста“, вели претседателот на ЗЕЛС

Потребно е да се вработат уште околу 40 инспектори за исполнување на минималните услови за секоја општина да може соодветно да постапува, вели претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски вели дека контроли мора да се направат секаде и оти во тоа сите општини ќе си помогнат меѓусебно, а во наредниот период, како што рече, ќе се потрудат во секоја општина да биде вработен соодветен инспектор.
Оваа состојба не е нова, рече Георгиевски, посочувајќи дека општините и досега меѓусебно соработувале во однос на инспекциските служби.
„Кога станав градоначалник, во општината немаше практично никаков инспектор, ниту градежен, ниту за домување. Било каква инспекција не функционираше во нашата општина, дали тоа било од објективни или субјективни причини не навлегувам, но првата меѓуопштинска соработка ја направив со општина Ѓорче Петров, а сега сме општина којашто помага со инспекции во другите општини“,
изјави Ѓорѓиевски.
Вонредните инспекции во училиштата, градинките, јавни установи, културни домови, спортски сали и станбените згради почнаа по трагедијата во Кочани, а според Ѓорѓиевски, секоја општина ќе треба да достави записници од извршените контроли до ЗЕЛС и тие потоа ќе може да бидат дадени на увид на јавноста.