На состанокот, како што кажа Ѓорѓиевски, се договориле да се формира комисија од повеќе научни институции за следење на фактичка состојба на браната „Турија“ и причините за неодамнешното појавување на манган во водата
Ги зацртавме правците на траекторијата за трајно решавање на проблемите на граѓаните од Струмица, вели претседателот на Заедницата на единиците на локалната самоуправа и актуелен градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
Изјавата, Ѓорѓиевски ја даде по денешната средба со неговиот струмички колега Костадин Костадинов и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, која доаѓа откако струмичани скоро еден месец беа без пивка вода поради зголемено присуство на минералот манган кој е витален за човечкиот организам, а и откако градоначалникот најави напуштање на ЗЕЛС.
На средбата, како што информира Ѓорѓиевски, било разговарано за проблемите на струмичани и изнаоѓање на заеднички решенија за нивно решавање.
Претседателот на ЗЕЛС информира и дека на состанокот биле усвоени неколку заклучоци и додаде дека додека е тој претседател, сите проблеми ќе се решаваат на заедничка маса.
„Со добра волја и на заедничка маса, да дојдеме до заедничко и прифатливо решение за сите, беше нотирано денеска на средбата во просториите на ЗЕЛС, која ја одржавме заедно со министерот Цветан Трипуновски и колегата Костадинов од Струмица. Со разговор секогаш се доаѓа до целта, па така оваа плодна средба ќе вроди со плод, бидејќи веќе ги зацртавме правците на траекторијата за трајно решавање на проблемите на граѓаните од Струмица“,
изјави Ѓорѓиевски по средбата.
Ѓорѓиевски вели дека нема да постои поделба по ниту една основа и оти ќе биде медијатор во решавање на сите процеси.
„Политиката мора да стои настрана, граѓаните се приоритет“,
вели Ѓорѓиевски.
На состанокот, како што кажа, се договориле да се формира комисија од повеќе научни институции за следење на фактичка состојба на браната „Турија“ и причините за неодамнешното појавување на манган во водата.
Ѓорѓиевски вели дека долгот што го има Општина Струмица спрема АД „Водостопанство“ ќе биде сервисиран согласно утврдена динамика и оти претпријатието ќе ги извршува сервисирањата и услугите од својата надлежност.
„Дискутиравме за квалитетот на водата која што во моментов според надлежните институции е исправна и чиста за пиење. Драго ми е и што колегата Костадинов го промени својот став и ЗЕЛС останува обединет. Од сега па натаму, додека јас сум претседател на ЗЕЛС, проблемите ќе се решаваат на маса, а комуникацијата помеѓу институциите ќе биде на највисоко ниво“,
додаде Ѓорѓиевски.
Повик на седнат за заедничка маса упати струмичкиот градоначалник Костадин Костадинов и рече надлежните институции-Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство да не го политизираат случајот и да не наоѓаат дежурни виновници. Тој рече дека ова е време на прагмата, а не е време на политиката и затоа побара да се носат одлуки во интерес и за благосостојбата на граѓаните.
Во знак на револт поради индиферентниот однос во периодот кога струмичани се соочуваат со забрана за водата за пиење, како и по одбивањето од Владата за реализација на единствениот пријавен проект од оваа општина со средства од унгарскиот кредит, Костадинов рече дека Општина Струмица се откажува од членството во ЗЕЛС и посочи дека истовремено ќе поднесе оставка и од функцијата член на Управниот одбор во Заедницата.
Костадинов потоа рече дека не сака да излезе од ЗЕЛС, бидејќи тоа е заедница која треба да се грижи за интересот на сите општини, која треба да работи на процесот на децентрализација многу сериозно и треба неселективно да се постапува, за што како што посочи биле и изјавите од потпретседателите на ЗЕЛС за кои рече дека ги охрабрува во тој дух да се градат односите.
Тој рече и дека постојано е во контакт со неговите колеги градоначалници, секако и градоначалникот на Валандово и потпретседател на ЗЕЛС, Перо Костадинов, но потенцираше дека напуштањето на ЗЕЛС е во делот на состаноците и во делот на вклучувањето на алармот.