Ѓорѓиевски вели дека е трагично во државава во 21 век да се занимаваме со ѕид што се решава како проблем за 2-3 дена, но за жал, додава тој, одредени институции немаат слух и не знаат како да си ја работат работата

Откако вчера од Општина Центар рекоа дека немаат надлежност за решавање на проблемот со потпорниот ѕид на улицата „Белградска“ зад Клиниката за детски болести и го прозваа Град Скопје како институција која треба да најде решение и да го санира, денеска истиот одговор го даде и претседателот на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), Орце Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски во изјава за медиумите рече дека на оваа тема разговарал со градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, и бил информиран дека надлежноста за оваа улица ја презел Град Скопје во 2019 година и според договорот и меморандумот што го потпишале и според тој документ треба Град Скопје да си ја преземе одговорноста.
„Разговарав со градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски, на оваа тема и од она што ми беше презентирано од негова страна за жал еднонасочна е комуникацијата со Град Скопје, таму немаме двонасочна комуникација. Немаме никаков фидбек или пак одговор од Град Скопје за состојбите поврзани околу тоа“,
рече Ѓорѓиевски одговарајќи на новинарски прашања пред денешната седница на Генералното собрание на ЗЕЛС.
Според него, трагично е во државава во 21 век да се занимаваме со ѕид што се решава како проблем за 2-3 дена, но за жал, вели Ѓорѓиевски, одредени институции немаат слух и не знаат како да си сработат работата и верувам дека за скоро ќе се реши тој проблем.
Во врска со дел од ѕидот што падна, вчера се огласија и од Министерството за здравство.
Оттаму велат дека паднатиот потпорен ѕид зад Клиниката за детски болести е изграден на државно земјиште, а Министерството нема прибележано право за трајно користење на тоа земјиште.
Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, во понеделникот, апелираше до Министерството за здравство, до Град Скопје и до Општина Центар итно да се зафатат со надминување на оваа опасност за граѓаните. Тој вели дека е прашање на ден, а можеби и на час кога ќе се урне и преостанатиот дел од ѕидот под кој се паркираат возила, но се движат и лица кои влегуваат во кругот на Клиничкиот центар.
Ангелов рече дека под улицата „Белградска“, која го разграничува клиничкиот центар со куќите над него, постои систем од шахти, од подземни канали чија сопственост не може да се утврди, а кои се во лоша кондиција и не ја собираат подземната вода која доаѓа од падините на Водно поради што таа избива на самиот ѕид и дополнително ја нарушува неговата стабилност, но и на самата улица.
Според Ангелов, доколку не се реши проблемот може да дојде и до полошо сценарио односно постои можност возила што се движат по оваа тесна улица, која е проодна во два правци, да дојде до уривање не само на ѕидот туку и на дел од улицата.