Историските контроверзии, недоразбирањата и историографските спорови треба да ги решаваат историчарите, а не политичарите, смета претседателот на македонскиот тим во Мешовитата комисија
Претседателот на македонскиот тим во Мешовитата македонско-бугарска комисијата за историски и образовни прашања Драги Ѓоргиев не ги коментира изјавите на премиерот Зоран Заев, но сепак смета дека погрешен е пристапот историските прашања да се користат како политичка алатка.
Ѓоргиев во изјава за Дојче веле вели дека политички изјави нема да коментира, без разлика дали доаѓаат од македонската или од бугарската страна.
„Генерално, погрешен е пристапот историските прашања да се користат како политичка алатка. Историските контроверзии, недоразбирањата и историографските спорови треба да ги решаваат историчарите, а не политичарите. Комисијата треба да биде оставена да работи без мешање и притисок. Политиката треба да отвори простор за Комисијата, а не обратно“,
вели Ѓоргиев.
Според него, не треба да се создава тензија и дијалогот треба да продолжи, бидејќи само така еден на друг ќе можеме да си кажеме што мислиме и да најдеме пристапи преку кои ќе ги надминеме стереотипите.
„Ни треба пристапот на мултиперспективност, во кој ќе се почитуваат различните наративи, а не да се наметнуваат. Не треба да се дејствува избрзано, под притисок на политиката, бидејќи тоа е погубно: можеби ќе има резултати на краток рок, но тоа би било со долгорочни последици“,
вели Ѓоргиев.