Во СВР-Скопје за 29 јуни (сабота) се пријавени два јавни собира. Едниот, долгонајавуваната „Парада на гордоста“ посветен на маргинализираната ЛГБТИ-заедница, а другиот, контра-собир под мото „Сведоштво за семејството“ како одговор на претходниот најавен собир. Зошто?
В сабота (29 јуни), паралелно со „Парада на гордоста“, во Скопје ќе се одржи и „контра-парада“ во организација на граѓанско-верската платформа „Сојуз за живот“. Паралелениот марш ќе почне во 10 часот од платото кај црквата „Рождество на Пресвета Богородица“, а ќе заврши пред Соборниот храм „Св. Климент Охридски“. Во платформата се обединети 18 здруженија, меѓу кои и Светскиот македонски конгрес (СМК), како и Македонско патриотско суверенистичко движење (МПСД). Организаторите повикуваат на мирен марш, под мотото „Сведоштво за семејството“. Настанот е пријавен во МВР, а ќе помагаат и редарски служби од организаторите.

„Немаме ништо против разните сексуални малцинства, но сите ние што излегуваме на мирен марш сме ‘про-лајф’, за зачувување на традиционалните форми на семејства. Самото мото значи дека ние не протестираме туку сведочиме за семејството. Очекуваме присуство на околу 4-5 илјади мајки, татковци со деца“, вели отец Ивица Тодоров, еден од организаторите на настанот.
Од граѓанската платформа „Сојуз за живот“ подготвиле и декларација за, како што велат, заштита на бракот и семејството, која ќе ја достават до Претседателот, Собранието, Владата, како и верските заедници, партиите и граѓанските здруженија. Во декларацијата, меѓу другото, се наведува дека неприфатливи се истополовите бракови, како и преименување на таткото и мајката со полово недефинирани „родител еден“ и „родител два“.
„За трајни морални вредности на човештвото и општеството ги сметаме бракот како заедница меѓу еден маж и една жена, семејството, верата, нацијата и државата. Бараме воспитание и обвразование на децата во духот на овие трајни морални вредности на човештвото и општеството“, гласи првата точка од Декларацијата.
На прашање зошто се организира во ист ден со „Парада на гордоста“ и кој ја спори дефиницијата за семејството, отец Тодоров одговара дека тоа е најсоодветниот тајминг за да се испрати нивната порака.
„Алармираме за ЛГБТИ-пропагандата и се организиравме да испратиме порака до политичарите и до општеството во целина дека не може да го прифатиме оној модел на дефиниција на бракот. Немаме ништо против сексуалните малцинства, ние сме демократи, но парадата е една од формите за актуелизација на една цела идеологија. Просто, ние како граѓани, 98 проценти, тврдам дека не го сакаме тоа“, вели отец Тодоров.
Паралелни собири по паралелни рути
„Парадата на гордоста“, пак, започнува точно напладне во паркот Жена Борец. Учесниците ќе добијат алка „Скопје прајд“, со која ќе може да се движат во и надвор од определниот простор. Крајната дестинација е Школка во Градски парк. Таму се предвидени обраќања и музичка програма, а се очекува на настанот да се појави и министерката за труд и социјална политика Мила Царовска. За организаторите, најважно е парадата да помине во најдобар ред.
„Одлучивме да не се впуштаме во коментирање за другиот собир за да не даваме легитимитет. Секој си има право на протест, нам ни е најважно на нашиот собир МВР да ни ја гарантира безбедноста и се да помине во најдобар ред, за што и работиме тековно. Парадата е во суштина протест, бидејќи ЛГБТИ-заедницата е една од најмаргинализираните заедници, бараме еднаквост со сите граѓани“, вели за „360 Степени“ Јована Јовановска, од организацискиот одбор на првата „Парада на гордоста“ во Скопје.
МПЦ без став, за ИВЗ Парадата на гордоста е болест
Со оглед на тоа што во организацијата на паралелниот марш за „промоција на традиционалните семејни вредности“ се вклучени и верски лица, ги прашавме за став двете најголеми религиозни заедници во земјава – Македонската православна црква (МПЦ) и Исламската верска заедница (ИВЗ).
Митрополитот дебарско-кичевски г. Тимотеј, портпарол на Синодот на МПЦ, вели дека митрополитите воопшто не заседавале на оваа тема.
„Синодот не расправал на оваа тема. Мене лично ми пречи Парадата на гордоста, но официјален став Црквата нема.
Новинарско прашање: А зошто вас лично ви пречи?
За се ли треба да ви се исповедам?!“, беше одговорот на г. Тимотеј.
Прашавме и во Исламската верска заедница (ИВЗ), каде две крила во судска постапка се борат за превласт. Од крилото на актуелниот реис Сулејман Реџепи, изрично се против Парада на гордоста.
„Тие паради ние ги третираме како социјална болест, со тоа треба да се занимаваат психолозите.
Новинарско прашање: А зошто, што има лошо во тоа што ЛГБТИ-заедницата организира парада?
Одговор: А, ајде да го преформулираме прашањето, што има добро во тоа?
Новинарско прашање: Демократско право е.
Одговор: Го сфаќаме демократското право, но и демократијата има граница, инаку ќе биде хаос. Господ ги создал мажот и жената, тоа е дефиниција, тоа е ред што го создал Господ. Ако е потребно, ќе излеземе на контра-маршот, зошто да не“, ни одговори Јусуф Зимери, директор за верски прашања во ИВЗ.
Претендентот за нов поглаватар на ИВЗ, Скендер Бузаку, со посмирен тон ја коментираше Парадата на гордоста.

„Не би се стремел кон контра-марш, ние треба да ги едуцираме граѓаните за вредностите во кои ние веруваме. Според Исламот и Христијанството, семејството се формира меѓу маж и жена. Не забранувам никој да го искажува својот став на паради, но сметам дека тоа ќе создаде револт“, вели Бузаку.
Во пресрет на првата Парада на гордоста, Советот за етика во медиумите и Здружението на новинарите на Македонија ги повикаа медиумите да известуваат професионално и одговорно, третирајќи ги темите што ја засегаат ЛГБТИ-заедницата низ призма на афирмација на човековите права.