Според поранешниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, една од причините е раслојувањето на коалицијата „Можеме“ наспроти окрупнувањето на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, а друга причина е реален пад на рејтингот на владејачките партии, поради лошо менаџирање на ковид-кризата, како и на инфлацијата и на енергетската криза
Владимир Ѓорчев, поранешен пратеник, а сега секретар за меѓународна политика на ВМРО-ДПМНЕ, посочува, според него, две главни причини за поразот на СДСМ на локалните избори и за победата на неговата партија: Една од причините, според Ѓорчев, е раслојувањето на коалицијата „Можеме“, предводена од СДСМ, наспроти окрупнувањето на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа, според него е структурната причина поради која владејачката партија изгуби гласови. Втората причина, како што наведе, е реалниот пад на рејтингот на владејачките партии, поради, според него, лошото менаџирање на ковид-кризата, како и на инфлацијата и на енергетската криза.
„За јавноста можеби беше изненадување исходот од првиот, а потоа и од вториот изборен круг. Но јас од почеток бев најголемиот оптимист во партијата. Има две главни причини поради кои бев убеден во поразот на СДСМ, со кого на ланските корона-избори, имавме околу 12 илјади разлика. Овој пат, земете минус 20 илјади од Беса, 25 илјади минус од ДОМ/ЛДП, 15 илјади минус од Димитриевски во Куманово, потоа минус помали партии што ги напуштија, досегашни градоначалници што не се веќе со нив, па граѓански, независни и еколошки листи… Тоа е квантум од околу 50-60 илјади гласови. Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ се засили со ефикасна коалиција, покажавме коалициски потенцијал, соработувајќи со две албански партии – Алијанса и Алтернатива, како и со други партии. Втората причина е реалниот пад на рејтингот поради катастрофалното менаџирање на ковид-кризата,така што сме први по смртност во светот и последни по вакцини. Потоа пожарот во модуларната болница, секојдневни скандали, енергетско фијаско, инфлација…, што му однесе на СДСМ плус 30 до 40 илјади гласови“,
анализира Ѓорчев во гостување во „Утрински брифинг“.
Тој ја коментираше и синоќешната оставка на премиерот Зоран Заев, кој најави и повлекување од челната позиција во ВМРО-ДПМНЕ, оценувајќи дека тоа не е нешто ново.
„Оставката на Зоран Заев и начинот на кој што го направи не е чекор кон подобра политичка култура. Ова не е нешто ново. Оставки по избори поднесувале и многу други лидери. Сега кога Заев се обидува да го продаде ова, не му поминува. Апелирам до СДСМ ова да не заврши со неприфаќање на оставката“,
вели Ѓорчев за „Утрински брифинг“.