Идната словенечка влада тој ќе ја формира со Социјалдемократите на Тања Фајон и Левицата на Лука Месец со кои вчера потпиша коалициски договор
Енергетскиот менаџер Роберт Голоб вечерва е избран за нов премиер на Словенија. Словенечкиот парламент вечерва го изгласа со 54 гласа „за“, 30 „против“, а еден глас беше неважечки. Следната недела се очекува пратениците да гласаат и за составот на новата влада.
Голоб во обраќањето рече дека врз основа на довербата што му ја дале граѓаните на 24 април сака на Словенците да им даде надеж за подобра иднина и да им ја врати радоста кон животот.
Алудирајќи на десничарската влада во заминување која ја предводеше Јанез Јанша, тој рече дека граѓаните на изборите покажале дека сакаат да живеат во нормална држава, а не во постојаната неизвесност што ја имале последните две години.
Голоб со неговото Движење Слобода на изборите однесе убедлива победа освојувајќи околу 35 отсто од гласовите или 41 мандат.
Идната словенечка влада тој ќе ја формира со Социјалдемократите на Тања Фајон и Левицата на Лука Месец со кои вчера потпиша коалициски договор.
По потпишувањето, Голоб рече дека брзо биле усогласени целите на работењето на новиот кабинет, но посочи дека со оглед на брзите промени на околностите во иднина ќе биде неопходно постојано приспособување.