Во гаснењето на пожарот учествуваат повеќе возила и екипи на скопската Пожарна, а според неофицијални информации пожарот избувнал во просториите на поранешната фабрика „Макотекс“
Претпладнево голем пожар зафати бараки на територија на скопската населба Карпош 4, а во моментов пожарот се става под контрола, вели првиот човек на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.

Тој вели дека засега нема информации за повредени или настрадани лица, а повеќе возила и екипи од скопската пожарна во моментов се на терен и учествуваат во гаснењето на пожарот. Според одредени информации во медиумите, напомош во гаснење на пожарот бил вклучен и „ертрактор“, кој фрлил големо количество вода врз огнот.
Густиот и темен чад може да се забележи од различни делови на Скопје, а неофицијално горат бараки кои се простории на поранешната фабрика „Макотекс“ во близина на поранешната локација на Македонската телевизија. Во близина се наоѓаат и неколку сервиси, а во опасност била и зграда која се наоѓа во непосредна близина на објектот.