На новинарско прашање дали пред македонската страна ги поставил како услов и други работи од бугарската рамковна позиција од 2019 година, како што е процес на рехабилитација на жртвите од комунизмот кои биле гонети поради бугарска самосвест, како и рушењето на натписи и табли, Петков одговори дека „да“, но тие ќе бидат поставени во сосема различна димензија и фокусот отсега нема да биде само на проблемите, туку на тоа зошто е важно Северна Македонија и Бугарија да имаат добрососедство

Голем оптимист сум и верувам дека ќе ги видите резултатите што ќе доаѓаат секоја недела, рече бугарскиот премиер Кирил Петков одговарајќи на прашањето дали се прифатливи одговорите на македонската страна за 5+1 барањата на Бугарија.
Петков не ги прокоментира директно одговорите, но на прес-конференцијата со премиерот Ковачевски порача дека следува нов дијалог и оти работните групи што ќе се формираат ќе стават акцент на специфичните прашања.
„Можам да го кажам тоа што реално го направивме беше фокус на заедничката работа и календар за следните месеци. Оттука натаму тоа ќе биде новиот дијалог. Се фокусираме на сите работи што се заеднички и имаат можности за збогатување на нашите односи и заедно со нив самите работни групи ќе стават акцент на специфичните прашања што треба да ги решиме. Но, во целина можам да ве уверам дека денеска сум голем оптимист за нашите заеднички активности и верувам дека резултатите што сите ќе ги видите ќе доаѓаат секоја недела“,
одговори Петков.
Тој додаде оти се надева дека секоја од страните, и Бугарија и Северна Македонија, се надеваат оти ќе има резултати многу бргу.
На новинарско прашање дали пред македонската страна ги поставил како услов и други работи од бугарската рамковна позиција од 2019 година, како што е процес на рехабилитација на жртвите од комунизмот кои биле гонети поради бугарска самосвест, како и рушењето на натписи и табли, Петков одговори дека „да“, но тие ќе бидат поставени во сосема различна димензија и фокусот отсега нема да биде само на проблемите, туку на тоа зошто е важно Северна Македонија и Бугарија да имаат добрососедство.
„Денеска ние разговаравме за сите овие прашања и ги потврдивме овие позиции. Разбравме и двајцата дека овие специфични прашања треба да бидат решени. Да, ќе работиме на нив како дел од заедничката работа, но ќе бидат во сосема различна димензија кога се ставени во контекст на сите други работни групи. Одговор на вашето прашање е да, но фокусот оттука натаму треба да биде зошто е толку важно нашите две држави да го имаат тоа добрососедство не само да се фокусираме на проблемите што треба да бидат решени“,
рече бугарскиот премиер.