Од Здравство потсетуваат дека вакцинацијата против сезонски грип претставува најефикасна мерка за превенција, спречува појава на потешки форми, компликации и смртен исход, особено кај ризичните групи
Повеќе од 50 илјади лица ја примиле вакцината против сезонски грип, информираат од Министерството за здравство.
Досега за вакцинација се пријавиле над 71 илјада граѓани, што, според Здравство, претставува голем интерес кај населението.
Освен овие вакцини, што граѓаните ги примиле на пунктовите за вакцинација, од министерството велат дека во центрите за хемодијализа се вакцинирани илјада, а во домовите за стари лица, вакцина примиле над 300 луѓе.
Од Здравство потсетуваат дека вакцинацијата против сезонски грип претставува најефикасна мерка за превенција, спречува појава на потешки форми, компликации и смртен исход, особено кај ризичните групи.
Пријавувањето за имунизација се врши преку Вакцинација.мк, со што граѓаните директно се регистрираат во системот „Мој термин“. Согласно распоредот предвиден во планот за вакцинација, граѓаните преку СМС-порака добиваат повратна информација за точниот датум, час и место кога треба да се вакцинираат
Со бесплатна вакцинација се опфатени ризичните групи – лица над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, деца на возраст од 6 месеци до 5 години, како и лица сместени во установи за социјална заштита на стари лица и вработените во установи за социјална заштита на стари лица.
Вакцинацијата против сезонски грип почна на 21 октомври, а од Министерството за здравство тогаш рекоа дека се обезбедени 70 илјади бесплатни вакцини.
Вакцинацијата се спроведува на 36 локации во целата држава. Во Скопје вакцинација се врши во Центарот за јавно здравје, како и во поликлиниките „Букурешт“, „Идадија“ и „Бит-пазар“.