Од опозициската партија велат дека во време кога се негираат македонската историја и улогата на Делчев, наместо неговото раѓање да биде одбележано од највисоки претставници на Владата, делегацијата ја предводел заменик-министер
ВМРО-ДПМНЕ ѝ забележува на Владата за одбележувањето на 149-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев.
Од опозициската партија велат дека во време кога се негираат македонската историја и улогата на Делчев, наместо неговото раѓање да биде одбележано од највисоки претставници на Владата, делегацијата ја предводел заменик-министер.
„Тоа покажува каков понижувачки однос има владата на Заев кон ликот и делото на Гоце Делчев. Во време кога се негираат македонската историја и значењето на Делчев за македонската држава и македонската историја, Владата, наместо да испрати највисока делегација, овој ден го одбележува со испраќање на заменик министер за локална самоуправа. Тоа само покажува дека нема ништо свето за оваа власт на Заев. Да потсетиме дека високи државни функционери од СДСМ веќе го прогласија Гоце Делчев за Бугарин, Заев самиот изјави дека македонскиот апостол не се борел само за Македонија, за сега во ваков чувствителен момент да не го одбележат достојно денот на неговото раѓање. Македонија ја води анационална власт која, освен со државните и национални интереси, тргува и ја погазува македонската историја“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Денеска заменик-министерот за локална самоуправа Зоран Димитровски положи цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“. Владината прес-служба информира дека со овој чин, Владата им се придружи на настаните со кои му се оддава почит кон делото на големиот револуционер Гоце Делчев, за неговиот историски придонес во создавањето на македонската државност.
Премиерот Зоран Заев на својот фесјбук-профил напиша дека денеска, 4 февруари, се потсетуваме на историскиот придонес на Делчев во создавањето на македонската државност.
„Како инспиратор и двигател на македонската револуционерна организација, Гоце Делчев секогаш повикуваше на единство и сплотеност во политичките предизвици пред кои е исправена земјата од сите општествени чинители и граѓани, без разлика на нивната верска, етничка или политичка припадност. Идеалите и заложбите на овој великан, како што се наведува, се наша заедничка обврска да продолжиме да ја градиме државата како демократска и економски напредна земја, која денеска е дел од најмоќниот воено-безбедносен сојуз НАТО и земја која чекори кон членство во ЕУ“,
напиша Заев.
Шефот на државата, Стево Пендаровски, исто преку социјалните мрежи потсети дека Делчев е еден од темелите на нашата државност и симбол на борбата за слобода на македонскиот народ.
Со порака на Фесјбук, се обрати и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој вели дека делото на Делчев отсекогаш претставувало инспирација на македонскиот патриотизам во борбата за создавање на независна македонска држава.
„Во негова чест во 1923 година Македонците емигранти во Пловдив се организираат во македонско друштво ‘Гоце Делчев’. Друштвото имало за цел со легални средства под девизата ‘Македонија на Македонците’ да се бори за независна Македонија. Документот всушност се првите членови од Уставот на друштвото, кој бил потврден од министерството за внатрешни работи на Бугарија. Денес се одбележуваат 149 години од раѓањето на Гоце Делчев, македонски херој врз чие име, дело и жртва почива нашата борба за слобода и денешната држава Македонија“,
напиша Мицкоски.
Годишнината од раѓањето на Делчев беше одбележана и од делегација на Собранието предводена од потпретседателот Горан Мисовски.

Гоце Делчев е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола. Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата.
Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896), а до 1901 година бил задграничен претставник на ВМРО во Софија. На 4 мај во 1903 бил убиен од турска војска во селото Баница, на пат кон Сер.
Саркофагот со посмртните останки на Гоце Делчев од 1946 година се наоѓа во дворот на црквата Свети Спас во Скопје.