„Проектот за експресниот пат Страцин – Крива Паланка беше почнат во 2018 година и над 90 отсто беше завршен до првата половина на 2024 година, во време на СДСМ. Да не беа блокадите на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, овој пат можеше многу порано да се заврши уште во 2024 година“, велат од опозицијата
ВМРО-ДПМНЕ се кити со туѓо перје, над 90 отсто од патот Страцин – Крива Паланка беше завршен за време на нашето владеење, велат денеска од опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ).
Оттаму посочуваат дека денеска власта покажала и големо лицемерие.

„Проектот за експресниот пат Страцин – Крива Паланка беше почнат во 2018 година и над 90 отсто беше завршен до првата половина на 2024 година, во време на СДСМ. Да не беа блокадите на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, овој пат можеше многу порано да се заврши уште во 2024 година“,
велат од опозицијата.
Како што велат оттаму, тогашниот претседател на Комисијата за финасирање и буџет, Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ, со месеци го кочеше предлогот на законот за грантот вреден 14 милиони евра, кој беше потребен за завршување на експресниот пат.
„Мицкоски, Николовски и Трајановски го покажаа лицемерието на ДПМНЕ, го кочеа овој проект како опозиција, а денеска се китат со туѓи перја“,
се вели во соопштението од СДСМ.
Токму благодарение од СДСМ, велат од партијата, Крива Паланка и североисточниот регион го доби најголемиот капитален проект од независноста до денеска, вреден 94 милиони евра.
Денеска во употреба е пуштен експресниот пат од Срацин до Крива Паланка, што значи дека на таа делница ќе се патува 10 минути, а од Крива Паланка до Куманово наместо еден час ќе се стигнува за 40 минути.
Патот е во должина од 25,5 километри и е дел од Коридорот 8. Вкупната инвестиција е 93,7 милиони евра од кои 80,20 милиони евра се средства од Светска банка, а останатите се грант-средства во висина од 13,50 милиони евра.
На свеченоста присуствуваше и премиерот Христијан Мицкоски, кој порача дека со иста динамика ќе се работи и на другите делници, а се интензивира и изградбата на другите патишта низ земјава.
На опозицијата ѝ порача капиталните проекти да не ги користат за собирање политички поени.