Со оваа акција се реализираше ветувањето што беше дадено оваа пролет по акцијата за чистење на отпад – „Генералка викенд 2022“ – за секои 10 килограми отпад што ќе се соберат, да се посади по едно дрво. Еко-акцијата беше спроведена во 26 општини ширум земјата, а во неа учествуваа над 8 000 волонтери
Во рамки на акцијата за пошумување на шумските насади наречена „Сончева Гора“, во изминатите два месеца беа засадени околу 40 000 дрвја. Во акцијата учествуваа Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Национални шуми, волонтерите од Пивара Скопје и локално население. Тие засадија 10 000 дрвја во Ќојлија (Петровец) и 30 000 дрвја во Велес, во близина на езерото Младост.
Со оваа акција се реализираше ветувањето што беше дадено оваа пролет по акцијата за чистење на отпад – „Генералка викенд 2022“ – за секои 10 килограми отпад што ќе се соберат, да се посади по едно дрво. Еко-акцијата беше спроведена во 26 општини ширум земјата, а во неа учествуваа над 8 000 волонтери.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство ја поздрави акцијата и ја истакна важноста на ваквите акции и заложбата за заеднички придонес кон подобрување на квалитетот на живот во нашата држава.
„Драго ми е што после Генералка викенд, ова е прва од десетте вакви акции кои ќе следат. Тука сме да дадеме максимална поддршка, но воедно и да ги поттикнеме сите заедно да се приклучат. Зелената транзиција е еден од петте приоритети на Министерството, нашата цел и фокус е да го промениме начинот на размислување, навиките, но и да дадеме поддршка на она што значи живот. Секое едно дрво значи живот!“,
изјави министерот Љупчо Николовски.
Поздравувајќи ја иницијативата, Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, им го честита успехот на организаторите на големата еко акција.
„Трансформација на приближно 400 тони собран отпад во дрвни насади и со тоа создавање на ‘Сончева Гора’ е видлив бенефит за сите. Ова е одличен пример како правилниот однос кон отпадот, волјата да се собира и рециклира, вклучувајќи иновативен пристап и креативност, од отпадот од минатото може да се гради зелена иднина“,
истакна министерот Нуредини.
Целта на „Генералка викенд“ и „Сончева гора“ е да се исчисти земјата од отпадот на минатото и да се рециклираат во зелена иднина во следните десет години – од 30-ти до 40-тиот роденден на нашата земја.
„Сите слоеви на општеството надвор од сите етнички, социјални и политички граници ги здружуваат силите за да направат одржлива промена во начинот на кој постапуваме со нашата животна средина и управувањето со отпадот. Горди сме на сите луѓе во нашата земја, кои избраа да ја направат вистинската работа: чување и грижа за нашата земја со цел градење иднина за нас и за генерациите што доаѓаат“,
посочија Гордана Софија и Ханес Јаецкл од Мен енд Маунтен.
„Генералка викенд 2022“ се заокружува со пошумување на „Сончева Гора 2022“ со приближно 40 000 садници, еквивалент на вкупниот отпад од приближно 400 тони, собран во 2021 и 2022 година. Организаторите изразија огромна благодарност до волонтерите кои несебично одвоија дел од своето време, ги „засукаа“ ракавите и ги извалкаа рацете, сè со цел да покажат дека чистата животна средина зависи од секој поединец!