„Се чекаше известување од Градот за да видат што ќе прават, но нема никаков пристап или понуда за договор. Никој ништо не кажува од нивна страна и засега блокадите остануваат“, изјави директорот на приватниот превозник „Слобода превоз“, Ленин Јовановски
Блокадите на крстосниците во Скопје засега остануваат, изјави за МИА директорот на приватниот автобуски превозник „Слобода превоз“, Ленин Јовановски. Тој вели дека од Град Скопје сè уште нема никаква реакција по однос на нивните барања за исплата на долгот од страна на ЈСП „Скопје“.
„Се чекаше известување од Градот за да видат што ќе прават, но нема никаков пристап или понуда за договор. Никој ништо не кажува од нивна страна и засега блокадите остануваат“,
изјави Јовановски за МИА.
Денеска втор ден по ред приватните автобуски превозници „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ со околу 200 паркирани автобуси ги блокираат клучните крстосници во Скопје. Блокирани крстосниците кај Трговскиот центар „Мавровка“, крстосницата кај Црвен крст, како и булеварот „Илинден“ околу просториите на Град Скопје.
Приватните превозници најавија дека блокадите на улиците во Скопје ќе траат се додека не се седна на маса и не се најде решение по однос на нивните барања.
Тие изразија жалење што по неколкуте обиди да седнат и да се договорат, односно да бидат примени од градоначалничката на Скопје, морале на ваков начин со блокада на крстосници да го изразат својот револт и да го свртат вниманието на јавноста кон нивните позиции.