Во тие дебати јас не сум слушнал политички лидери што навистина дискутираат за измените на Уставот, туку отвораат разни други прашања и поради тоа е прилично тешко да се има фактичка расправа со студени глави за тоа, вели евроамбасадорот

Напредок на Северна Македонија во процесот на пристапување во ЕУ не може да има без широк консензус за европскиот реформски пат кај главните политички партии, и од власта и од опозицијата, бидејќи процесот ќе трае одреден број години, и тоа значи дека одговорноста за напредок во реформите може да премине од една влада на друга.
Ова го нагласува евроамбасадорот Дејвид Гир во интервју за „Призма“.
„Во моментов, ако ги погледнеме главните партии, сите велат дека се посветени на европските перспективи и реформи, но истовремено не можат да седнат заедно и да се договорат за главните реформи што се во интерес на граѓаните и се неопходни да се напредува во интегративните процеси“,
вели Гир.
Темата за реформи и неопходни услови за приближување кон ЕУ неминовно води кон прашањето за уставни измени, кое впрочем е и лајтмотив на секоја средба на политичарите со европските дипломати. Гир нагласува дека таа одлука мора да ја донесе државата, но забележува дека измените на преамбулата не би биле многу различни од промените што ги направи Хрватска, чиј Устав вклучува повеќе од 20 групи.
Но, начинот на кој се води дебатата за прашањето не влева многу оптимизам.
„Гледаме многу токсична и поларизирана дебата, за уставни измени, со кои, всушност, се надградуваат и се засилуваат веќе добрите резултати на државата во однос на меѓуетничките односи. Во тие дебати јас не сум слушнал политички лидери што навистина дискутираат за измените на Уставот, туку отвораат разни други прашања и поради тоа е прилично тешко да се има фактичка расправа со студени глави за тоа“,
вели Гир.
На крајот, тој дипломатски се оградува дека „сепак, тоа прашање е во рацете на земјава, никој друг не го контролира, тоа мора да биде ваша одлука.“
Евроамбасадорот зборува и за реформите во медиумите – област каде што тие речиси не се мрднати од место, при што јасно порачува дека кога се носи легислатива не може да се каже дека тоа подоцна ќе се усогласува со европските стандарди и практики, туку тоа мора да почне да се прави сега.
Целото интервју можете да го прочитате ТУКА.