Според евроамбасадорот во Скопје, октомври е сега реален датум за деблокада на европерспективите на земјата. Постигнат е, вели, одреден напредок и мора да продолжиме до целта
Северна Македонија си ја заврши „домашната задача“ и ние мора да испорачаме. Tреба да продолжиме да го туркаме процесот и да стигнеме до целта, за да ги почнеме преговорите, изјави вечерва евроамбасадорот Дејвид Гир во гостувањето на Сител.
„Дали октомври е реален? Да. Како што кажав, португалското претседателство работеше напорно, а Словенија потенцираше дека ова и е приоритет и ќе ја продолжи работата. И мислам дека сите разбираме дека треба да продолжиме да го туркаме процесот за да стасаме до целта и да ги почнеме преговорите“,
нагласи Гир.
Тој рече дека е разочаран што земјава повторно не доби зелено светло за преговарачката рамка.
„Секако дека сум разочаран. Сакавме да видиме што поскоро отворање преговори. Последните 15 месеци беа тешки за сите, со ковид пандемијата, нормално е луѓето да сакаат да слушнат добри вести. И луѓето знаат дека ЕУ претставува најдобра можност за просперитет, стабилност, поткрепена од демократските принципи и владеењето на правото. Па сакаат да се придвижат напред, да го видат патот напред. Но, мислам дека е важно да се вратиме чекор назад и да имаме чисти глави. Она што не е доведено во прашање, она што не се оспорува е европската перспектива на Северна Македонија“,
потенцира Гир.
Во однос на критиката од премиерот Зоран Заев дека „Европа има проблем кој произлегува од самата Европа Унија“, Гир нагласи дека политиката на проширување и одлуките на тоа поле се носат едногласно.
„Тоа се правилата на играта и треба да ги разбереме, затоа што ние тука зборуваме за покана за трета земја да дојде во клубот, да седне на масата и да носи одлуки. Имаме констурктивен предлог од португалското претседателство кое има за цел да го придвижи процесот. Одреден напредок е постигнат и мора да продолжиме до целта, а истовремено има конструктивни дискусии меѓу Софија и Скопје“,
рече Гир, нагласувајќи дека треба да се фокусираме на реалните можности, а тие, како што рече, се во рамките на португалскиот предлог за кој напорите ќе ги преземе Словенија.
Според него, Северна Македонија и Бугарија треба да продолжат со дијалогот. Важно е, вели тој, напорите да продолжат на двете страни за да можеме да видиме решение за проблемот.
„Постојат отворени билатерални прашања. И во вакви ситуации, како и во минатото, ние ги охрабруваме двете страни да разговараат за да ги решат тие прашања билатерално. Ова не е првпат, во контекст на приемот на членки, да има билатерални спорови кои биле решени и каде засегнатите држави станале ЕУ – членки. Уверен сум дека и ова може да се реши и дека ќе ја видиме Северна Македонија како членка на ЕУ“,
рече Гир.