„Ние во неколку наврати како Европска Унија имаме потенцирано дека скратената процедура во Собранието треба да се употреби само кога станува збор за специфични закони коишто се поврзани со европското законодавство. Меѓутоа, во никој случај европското знаменце не смее да се употреби за да се намали дискусијата кога се во прашање важни закони“, изјави денеска Гир од Кочани, одговарајќи на новинарско прашање
Евроамбасадорот Дејвид Гир денеска посочи дека користењето на европското знаменце треба да ги придружува само специфичните законски решенија што се поднесуваат на дебата и усвојување во Собранието и кои исклучиво се поврзани со усогласувањето на домашното со европското законодавство.

Повод за ваквото укажување на Гир беше прашањето што на евроамбасадорот денеска му беше упатено од новинарите во Кочани, поточно барање за коментар во врска со измените на Законот за игри на среќа и забавни игри предложени од Владата, а кои според Асоцијацијата на спортски обложувалници наводно ќе се носат со европско знаменце во Собранието.
Од Асоцијацијата вчера соопштија дека ќе ја известат Европската Унија за, како што кажаа, носењето неевропски закон со европско знаменце.
„Ние во неколку наврати како Европска Унија имаме потенцирано дека скратената процедура во Собранието треба да се употреби само кога станува збор за специфични закони коишто се поврзани со европското законодавство или би можел уште поспецифично да кажам дека европското знаменце треба да се употреби само кога се во прашање закони кои се поврзани со европските норми и стандарди. Исто така, од друга страна, причината поради која е дозволена употребата на европското знаменце е забрзување на реформите што се потребни за реализирање на европското законодавство. Меѓутоа во никој случај европското знаменце не смее да се употреби за да се намали дискусијата кога се во прашање важни закони“,
изјави Гир, кој денеска беше во посета на Кочани.
Ова не е првпат претставници на ЕУ да укажат во кои случаи треба предлог-законите што доаѓаат во Собранието да бидат означени со европско знаменце и на неговата (зло)употреба.
Ваквите забелешки често беа нотирани и во извештаите на Европската Унија за напредокот на земјава.
Чести обвинувања на ова тема има и меѓу партиите и нивните пратеничките групи во Собранието. Вообичаено тие доаѓаат од редовите на опозициските партии. Сепак, практиката покажа дека кога ќе се случи промена на власта, односно кога пратениците на довчерашните опозициски партии ќе седнат во фотелјите во пленарната сала, резервирани за владејачкото мнозинство, забораваат на претходните обвинувања за злоупотреба на европското знаменце. Истото се однесува и за другата страна, која додека била власт го користела европското знаменце за набрзина да протурка одредени законски решенија, а кога ќе се најде во опозиција, гласно ја критикува оваа практика.
Во врска со поводот за прашањето до Гир, Владата на седница неделава усвои предлог-измени на Законот за игри на среќа и забавни игри со кои се предвидува просториите во кои се приредуваат игрите на среќа да бидат оддалечени од училиштата не помалку од 500 метри.
На предлог-измените веднаш реагираа од Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) и од Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС) од каде што велат дека измените се погрешни и оти ќе доведат до штетни последици, не само по вработените во овие објекти туку и по државниот буџет, кој, како што велат, со ваквата одлука годишно би се намалил за 280 милиони евра.