Вкупно 72 илјади антигенски ковид-теста, во вредност од 298 илјади евра, кои се донација од Германија, денеска германската амбасадорка во земјава Анке Холштајн му ги предаде на министерот за здравство Венко Филипче. Тестовите се наменети за користење во јавните здравствени установи.
„Среќна сум што денеска предавам уште една донација за македонското јавно здравство, финансирана од Министерството за надворешни работи на Германија, преку Организацијата за помош и заштита од катастрофи. Германија од почетокот на пандемијата го поддржа здравствениот сектор на Северна Македонија со околу 1,45 милион евра“,
изјави Холштајн.
Нагласи дека Германија е и соосновач на платформата за снабдување со вакцини и нејзин најголем донатор со 2,1 милијарди евра и додаде дека механизмот Ковакс снабдува 142 земји со вакцини против ковид-19 од кои многу ги добиваат бесплатно.
„Притоа, секое петто евро доаѓа од Германија, а секое трето евро од Европската Унија. Нашата цел е сите во светот да може да ја добијат потребната вакцина бидејќи ние сме безбедни дури тогаш кога сите ќе бидат безбедни“,
истакна Холштајн.
Министерот Филипче рече дека денешната донација е уште еден чекор напред во, како што кажа, континуираната соработка во изминатите повеќе години, која е значајно интензивирана од почетокот на ковид-кризата.
„Во изминатата година Германија преку Амбасадата донираше значајна количина на лична заштитна опрема, респираторни машини, специјални заштитни маски и сега брзи антигенски тестови“,
изјави Филипче.
Преку меѓусебната комуникација, додаде, многу често укажувавме што ни е потребно и секогаш кога имаше можности ни излегуваа во пресрет.
„Сега разговараме за следните чекори на соработка, веројатно некоја форма која Германија ја иницира на ниво на Европската Унија, а тоа е соработка во време на пандемија во која ќе бидат вклучени сите аспекти на оваа криза од делот на заштита, лекови, стратегија во однос на пристапот и вакцините“,
рече Филипче.