Вкупно 14 кандидати се откажале од пратенички мандат – девет од Движењето Права за слобода, тројца од ГЕРБ, вклучувајќи го и премиерот и лидер на партијата Бојко Борисов, како и двајца од „Има таков народ“
Во новиот состав на бугарскиот парламент ГЕРБ – УДФ ќе ја претставуваат 75 пратеници, партијата на Слави Трифонов „Има таков народ“ – 51 , „БСП за Бугарија“ – 43, ДПС – 30 пратеници, „Демократска Бугарија“ – 27, „Стани! Излези!“ – 14 народни претставници. Централната изборна комисија на Бугарија, на последната прес-конференција, посочи кои 240 пратеници ќе заземат место во 45. состав на парламент, по изборите одржани пред една недела.
Вкупно 14 кандидати се откажале од пратенички мандат – девет од Движењето Права за слобода, тројца од ГЕРБ, вклучувајќи го и премиерот и лидер на партијата Бојко Борисов, како и двајца од „Има таков народ“.
ВМРО-БНД на досегашниот вицепремиер и министер за одбрана на Бугарија Красимир Каракачанов не освои места во новиот парламентарен состав, што се очекува да биде конституиран наскоро.
Досегашниот премиер Борисов неодамна му понуди 10 пратеници на лидерот на партијата „Има таков народ“, Слави Трифонов, за да формира нова влада. Борисов соопшти дека ГЕРБ, како победник на изборите, ќе предложи влада за да се испочитуваат процедурите согласно бугарскиот Устав, но неговите предвидувања се дека нема да биде избрана, по што мандатот за формирање влада ќе го добие партијата на Трифонов.