Во земјава биле дистрибуирани вкупно 3 500 гласачки ливчиња или по 500 на секое од избирачките места во седум града. Меѓутоа, податоците на Централната изборна комисија покажуваат дека на гласачките места во земјава гласале само 462 лица
Најмногу гласови на гласачките места што беа отворени во Северна Македонија, а во рамките на предвремените парламентарни избори што вчера се одржаа во Бугарија, освоила коалицијата ГЕРБ-СДС на поранешниот премиер Бојко Борисов, вкупно 127 гласа, втора е партијата ВМРО – Бугарско национално движење на Красимир Каракачанов, која има 91 глас, а на трето место е Продолжуваме со промените (ПП) на Кирил Петков, која на гласачките места во земјава освоила 69 гласа, покажуваат податоците на бугарската Централна изборна комисија (ЦИК).
За бугарските предвремени парламентарни избори, четврти за нецели две години, во земјава се гласаше на избирачки места во седум града – Скопје, Битола, Велес, Кавадарци, Охрид, Прилеп и Струмица.
Според податоците на ЦИК, С Македонија биле дистрибуирани вкупно 3 500 гласачки ливчиња или по 500 на секое од избирачките места во седумтте града.
Збирот на бројките од податоците на ЦИК покажуваат дека во земјава на предвремените парламентарни избори во Бугарија гласале вкупно 462 лица со бугарско државјанство, односно со бугарски лични исправи.
Вкупно 3 027 гласачки ливчиња останале неискористени.
Разликата од 11 гласачки ливчиња што се јавува меѓу вкупниот број дистрибуирани ливчиња, бројот на гласачки ливчиња што биле употребени, односно лицата што гласале и неискористените ливчиња отпаѓа на административни грешки и пропусти при спроведувањето на процесот на гласање.
Според распоредот на добиени гласови, условно кажано, ГЕРБ е победник на изборите во Бугарија во гласачките места отворени во С Македонија, ВМРО има 91 глас и е на второ место, трета е партијата на Кирил Петков со 69 гласа, Преродба има 30 гласа, Има таков народ (ИТН) на Слави Трифонов има освоено 22 гласа во земјава, Бугарската социјалистичка партија освоила девет гласа, а Движењето за права и слободи (ДПС) добила 8 гласа. Останатите партиите ја добиле довербата на помал, едноцифрен број на граѓани со бугарско државјанство, кои гласале во земјава.
По градови, ГЕРБ најмногу гласови има освоено во Скопје – 51, а најмалку во Велес – 3 , додека на избирачкото место во Струмица партијата на Бојко Борисов освоила 27 гласа.
За второпласираната ВМРО на Красимир Каракачанов, по градови, најмногу лица гласале во Кавадарци – 41, во Охрид 23, во Битола 16, во Скопје осум.
Партијата на Кирил Петков, Продолжуваме со промените, најдобриот резултат на гласачките места во земјава го остварила во Скопје, каде што Продолжуваме со промените добила 43 гласа, додека 16 се регистрирани во Струмица.
Партијата Бугарски подем на поранешниот технички премиер Стефан Јанев, која е нова на бугарската политичка сцена, на избирачките места во земјава освоила вкупно 15 гласа.
Според резултатите од 99,91 отсто обработени гласови од страна на Централната изборна комисија (ЦИК) во Бугарија, седум партии ќе влезат во 48. состав на бугарското Народно собрание.
Прво место е коалицијата ГЕРБ-СДС на поранешниот премиер Бојко Борисов со 25,34 отсто. Втора политичка сила е Продолжуваме со промените на Кирил Петков со 20,2 отсто. ДПС има 13,75 отсто.
Четврта партија, според обработените гласовите е популистичката Преродба со 10,17 отсто, а зад неа е Бугарската социјалистичка партија (БСП) со 9,3 отсто.
Како шеста на овие избори, според моменталните резултати, заврши Демократска Бугарија со 7,45 отсто.
Новата партија на политичката сцена, Бугарски подем на поранешниот технички премиер Стефан Јанев, пак, со освоени 4,63 отсто е последната партија која ќе влезе во парламентот со свои пратеници.
Под цензусот од 4 отсто, кој е потребен за освојување пратенички мандати, и на 99,84 обработени гласови, останува Има таков народ на Слави Трифонов која освои 3,83 отсто.
Катастрофален резултат на овие избори има и ВМРО-БНД на Красимир Каракачанов со освоени само 0,81 отсто од гласовите.