Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, во интервју за РСЕ вели дека за два објекти кои се изградени противправно на територија на општината, им биле потребни околу 5 милиони денари за да ги отстранат и да ги оневозможат да бидат функционални. За целосно отстранување на објектите, вели дека се потребни неколкупати повеќе парични средства.
Герасимовски пред неколку дена до ЗЕЛС поднесе иницијатива за конфискација на дивоградби изградени на државно земјиште. Тој вели дека се соочуваат со проблем бидејќи одредени дивоградби се градат на државно земјиште, во зелен појас и иако е постапено од страна на општината, односно се издаваат казни за отстранување, тие мораат да дадат огромни финансиски средства за нивно отстранување.
„Нам, за два објекти коишто се планирани за отстранување во последниот месец, ни беа потребни околу 5 милиони денари за да ги оневозможиме да бидат функционални. Се соочуваме со проблем зашто ќе се урнат неколку столба од објектот, тој не е функционален, но во истиот се населуваат бездомници, создаваат дополнителни проблеми во околината, а за да го отстраниме целиот објект, потребни се неколкупати повеќе средства и претставува огромен проблем на општината и на општинскиот буџет“,
вели Герасимовски за РСЕ.
Тој вели дека иницијативата првин оди во ЗЕЛС, а потоа се доставува до министерствата и до Владата. Герасимовски кажа дека како градоначалник се заложил да оствари и лични средби со министрите и со одредени партиски функционери од неговата матична партија, кои би можеле да им дадат дополнителен ветер во грб за оваа иницијатива да успее.
Прашан што ќе се случува во кругот на поранешната фабрика „Треска“, Герасимовски вели дека таму има важечки план и дека се обиделе преку регулација да се измени планот, но таа иницијатива останува нерешена бидејќи советот на Град Скопје не ја изгласал регулацијата за да се овозможи правење нов ДУП за оваа парцела.
„Почнати се процедури за расчистување на објектите од страна на сопствениците на одредени парцели. До општината уште пред неколку години се пристигнати многу барања, но во моментов е процедура за расчистување на земјиштето, односно отстранување на објектите“,
рече Герасимовски.
Државниот удел во „Треска“ ќе потпадне на урбанизација, решавање на сообраќајот, во делот на паркирањето и зеленилото. Герасимовски вели дека иако таму не е предвидена градинка, прават напор со сопствениците, односно со инвеститорите што во иднина би граделе во тој дел, да направат градинка што би ја донирале на општината.