„Не може претседателот или премиерот на една земја во јавен говор да се повика на приватна автономија. Тоа не е во согласност ниту со домашното уставно право ниту со меѓународното право“, вели шефот на грчката дипломатија
Доколку властите во Северна Македонија продолжат со оваа политика, која е директно спротивна на меѓународните договори, тогаш грчката страна има средства со кои може да врши уште поголем притисок, односно со инструменти што се билатерални и мултилатерални на ниво на меѓународни организации.
Ова го изјави шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис во интервју за грчката телевизија ЕРТ, одговарајќи на новинарско прашање каков очекува да биде развојот на случувањата ако државното раководство на Северна Македонија продолжи со праксата официјалното име на државата да го става на хартија, а со зборови да ја нарекува државата Македонија.

Според него, Договорот од Преспа е договорен и ратификуван од двата парламента, со што произведува правни елементи, кои не можат да бидат поништени од ниедна од двете земји.
„Впрочем, и самиот Договор од Преспа експлицитно вели дека прашањето за името, односно името Северна Македонија не може да се ревидира, ниту со договор од некоја од страните. Станува збор за одредба која останува засекогаш. Значи, во моментов има јасно прекршување од страна на државниот и политичкиот врв“,
вели тој.
Нема правна основа, како што рече шефот на грчката дипломатија, аргументот дека кој било политички или државен лидер може, надвор од формалните рамки, да употребува друго име за неговата земји, бидејќи тоа е директно прекршување.
„Не може претседателот или премиерот на една земја во јавен говор да се повика на приватна автономија. Тоа не е во согласност ниту со домашното уставно право ниту со меѓународното право“,
рече грчкиот министер за надворешни работи.
Во интервјуто, тој повтори дека веќе констатирале оти Договорот од Преспа има значајни правни и политички проблеми, но дека во моментов ги обврзува двете страни, и тоа е, според него, нешто што ќе го бараат.
„Вложив многу голем напор, за целосно да ги информирам сите наши партнери и сите меѓународни организации. Можам да ви кажам дека во моментов постои сериозна загриженост кај сите за односот на Северна Македонија“,
вели Герапетритис.
Веќе неколку пати досега, Герапетритис посочи дека одлуката на раководството на Северна Македонија да не го користи уставното име Северна Македонија на домашната сцена е флагрантно кршење на Преспанскиот договор.
Премиерот Христијан Мицкоски во досегашните јавни настапи не го користи уставното име на државата, исто како и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, нагласувајќи дека негово човеково право е да ја нарекува државата како сака, што предизвика остри реакции од Грција и од стратешките партнери на државата, ЕУ и САД, да се почитува Преспанскиот договор.