Ни испрати писмо и ни кажа дека нема да дојде. Тоа е нејзино видување на состојбите, но, сметам дека е нужно да дојде и ги изнесе наводите. Советот беше и е спремен за дискусии за вакви отворени прашања. Ја охрабрувам за сите притисоци или влијанија да го извести Судскиот совет и согласно закон да добие заштита, рече претседателот на Судскиот совет, Сашко Георгиев

Судскиот совет функционира и работи за да ги штити судиите. Од тие причини и мотиви, наша должност е, и баравме да имаме средба, да разговараме со претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми. Стоиме на располагање за кој било судија, дали од Врховен или друг суд, да ја отвориме таа дискусија и да се ставиме во функција на заштита на судиите, изјави денеска претседателот на Судскиот совет, Сашко Георгиев, откако претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, не отиде на средба со нив.
Во однос на поканата за денешната средба, Георгиев посочи дека Адеми ги информирала писмено дека нема да дојде.
„Ни испрати писмо и ни кажа дека нема да дојде. Тоа е нејзино видување на состојбите, но, сметам дека е нужно да дојде и ги изнесе наводите. Советот беше и е спремен за дискусии за вакви отворени прашања. Ја охрабрувам за сите притисоци или влијанија да го извести Судскиот совет и согласно закон да добие заштита“,
изјави Георгиев.
Георгиев, исто така, ги охрабри и повика сите судии, ако имаат какво било влијание, да го известат Судскиот совет.
„Апсолутно е недозволиво какво било влијание вез судија или поротник. Согласно закон, какво било влијание е кривично дело, што значи веднаш ќе го известиме Обвинителството“,
рече Георгиев.
Судијата Ивица Николовски, кој е член на Советот, порача дека Судскиот совет има обврска и ќе ги заштити судиите.
„Од колегите и граѓаните ни доаѓаат разни претставки, но досега нема такви дека некој им вршел притисок. Доколку имаме такви сознанија, ние би постапиле“,
изјави Николовски.
Судијката Антоанета Димовска, најновиот член на Советот, рече дека ја поздравува транспарентноста на Беса Адеми со медиумите, но не и, како што вели, да имаме искривена слика.
„Нашата покана беше за една конкретна точка, на која требаше да разговараме за наводните притисоци, за кои ние не знаеме и може да се вистинити“,
изјави Димовска.
Откако Судскиот совет за денеска закажа работна средба со претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, поради изнесени наводи во медиумите за политички притисоци врз судиите во Врховниот суд, таа се огласи преку писмо испратено до јавноста, притоа нагласувајќи дека нема да отиде на средбата поради претходно закажан настан.
Претседателката на Врховниот суд истакнува дека за политичките влијанија и притисоци во судството не се говори само во медиумските написи, туку и во релевантните меѓународни извештаи, кои ги оценуваат состојбите во судството и дека констатациите во извештаите се континуирани и крајно сериозни.
Таа, во писмото, потсетува дека преку медиумски написи, изјави или интервјуа, на постоење на политички притисоци или, пак, притисоци од другите власти, укажале и судии, вклучително и судии на Врховниот суд на Република Северна Македонија, па дури и членови на Судскиот совет, но и поранешни претседатели на Судскиот совет.