Актуелниот градоначалник на Охрид, Константин Георгиески, му ја честиташе кандидатурата на својот опонент Кирил Пецаков. На својот Фејсбук профил, Георгиески го повика Пецаков на фер и конструктивна дебата за иднината на Охрид, со желба јавноста да не биде сведок на политички подметнувања и некултурна комуникација во наредниот период.
„Иако се уште сме далеку од почетокот на предизборна кампања, упатувам честитки до Кирил Пецаков за изборот за кандидат за градоначалник од редовите на ВМРО ДПМНЕ. Посакувам да имаме достоинствена политичка дебата, со високо ниво на култура и почит. Сметам дека како политичари и носители на функции во текот на претстојниот период треба да продолжиме да работиме за интересите на Охрид, а како кандидати за градоначалник да покажеме сериозност и да ја поштедиме јавноста од здодевна и негативна кампањска реторика. Да сме здрави и живи, се гледаме на избори!“.
пишува во обраќањето до својот противкандидат, актуелниот градоначалник на Охрид.
Во својот пост, Георгиески се фали со резултатите што ги постигнал во изминатите две години, со укажување дека во фокус и натаму остануваат приоритетните потреби на охриѓани, но и дека се решаваат децениски проблеми со вложувања во инфраструктурата, образованието и за подобрување на условите за туристички развој.
Во своето вчерашно гостување на ТВ Сител, членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, кој ја обелодени информацијата дека актуелниот пратеник ќе биде нивен фаворит за локалните избори во Охрид, посочи дека разликата меѓу Пецаков и Георгиески е во тоа што социјалдемократскиот кандидат нема ист однос кон сите жители на Охрид.
„На некои охриѓани им урива дивоградби, а на некои што се финансиски посилни – не. Со тој селективен однос ја губи довербата кај граѓаните“,
смета Милошоски,