Прашана за зборовите на шефот на државата Румен Радев дека посетата на премиерот на Скопје била избрзана, Генчовска одговори дека тоа е мислење на претседателот и не може да го коментира. Таа најави и дека претставници од македонското МНР од 10 до 11 февруари ќе бидат во Софија на експертски разговори за политичкиот пакет „4 + 1“
Министерството за надворешни работи на Бугарија, строго ќе го почитува мандатот на Советот на министри, декларацијата на Народното собрание и Договорот меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија, изјави денеска бугарската министерка за надворешни работи, Теодора Генчовска, на прашање дали има несогласувања меѓу претседателот и Владата на темата Република Северна Македонија.
Таа посочи дека ќе го земат предвид и мислењето на последниот состанок на Советодавниот совет за национална безбедност под претседателот и нема да отстапат од рамковниот став.
Прашана за зборовите на шефот на државата Румен Радев дека посетата на премиерот на Скопје била избрзана, Генчовска одговори дека тоа е мислење на претседателот и не може да го коментира.
„Навистина, рестартиравме и продолжуваме да го надградуваме досега постигнатото. Има континуитет од страна на Министерството за надворешни работи, се надоврзуваме на постигнатото, има позитивизам во односите и дијалогот“,
рече таа.
Генчовска истакна дека е во директен контакт со македонскиот шеф на дипломатијата, Бујар Османи, а тимот од МНР е во директен контакт на експертско ниво.
„Ни претстои експертска средба – колегите од МНР на Република Северна Македонија од 10 до 11 февруари ќе дојдат овде на експертски разговори за политичкиот пакет ’4 + 1‘“,
рече таа.
За изјавите на Радев, коментираше и министерот за иновации и раст на Бугарија, Даниел Лорер кој вчера беше во посета на Скопје каде се одржа првиот работен состанок на работните групи за економија. Лорер во гостување во емисијата „Лице в лице“ на БТВ изјави дека бугарските посети во Северна Македонија не се избрзани туку всушност се многу доцни.
Министерот посочи дека неговата вчерашна посета се одвивала според програмата што била поставена од двете влади и нема ништо изненадувачки во неа бидејќи била договорена неколку дена претходно.
Тој додаде и дека распоредот за постигнување резултати е многу интензивен.
„Националниот интерес, исто така, налага да бидеме опкружени со богати и социјално праведни соседи“,
рече Лорер, кој ја пофали средбата со неговиот македонски колега, Фатмир Битиќи.