Највозбудливата битка во вториот круг се води за „круната“ на локалните избори, градоначалничката позиција во Скопје. Веројатно затоа и одѕивот во главниот град е за нијанса повисок кога се споредува со првиот изборен круг, но ако се има предвид дека во најголем дел од општините изборите за тамошните први луѓе се завршени, евидентно е дека интересот за тоа кој ќе биде на чело на престолнината го држи фокусот на гласачите на завидно ниво.
Според расположливите податоци, одѕивот е највисок во Карпош, Центар и во Чаир, каде што во вториот круг се одлучува и за први луѓе на општинската администрација. Токму затоа и разликата само во Центар изнесува 2 472 гласа, односно толку повеќе граѓани излегле во овој изборен турнус, во однос на првиот.
Сличен е и соодносот во Карпош, со „предност“ на вториот спрема првиот круг од 2 787 гласа, додека таа е уште поголема во Чаир, каде што сега гласале 22 244 избирачи или 3 510 повеќе од 17 октомври.
Во Гази Баба разликата во плус е околу стотина гласа, додека Бутел и Кисела Вода до 17 часот се со минусно салдо од исто толкав број гласачи.
До 17 часот најмалку излегле на гласање во Сарај и во Шуто Оризари, иако во Шуто Оризари има околу 500 излезени избирачи повеќе отколку во првиот круг.