Собранискиот спикер не сакаше да ја коментира информацијата дека Европската Унија ќе ги продолжи преговорите со Албанија и дека таа ќе се одвои од С Македонија. Гаши рече дека имал став по ова прашање но не сакал да навлегува во политика, бидејќи бил посветен на Собранието
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, нема намера да ја свика Комисијата за социјална политика, демографија и млади на која ќе се разгледува предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили и на членовите на нивните семејства по скратена постапка, откако тоа претходно не го стори претседателката на ова собраниско тело, Илире Даути.
Гаши и на денешниот брифинг со новинарите остана на претходно искажаниот став дека седница веќе била свикана и дека тој не можел да се меша во дневниот ред на истата.
Спикерот повторно цитираше делови од членот 126 од Деловникот, кои, како што рече, му го одземаат правото да интервенира.
„Деловникот во член 126 не вели дека ‘ако претседателот на Комисијата одбива да стави конкретен закон’, туку ‘ако претседателот на Комисијата не свика седница’. Со тоа што Илире Даути свика седница во рамки на роковите, не можам да свикам, Деловникот ми го одзема правото да интервенирам и да назначам друг пратеник да ја води седницата“,
рече Гаши.
На прашање на новинарите, дали Даути го прекршила Деловникот со тоа што не ја свикала Комисијата, Гаши не сакаше да коментира, но рече дека таа постапила по политичка одлука, а тој според Деловникот.
Според него, во овие четири месеци биле увидени неколку недоречености поврзани со Деловникот за прашања кои, како што вели, планира да се решат преку Комисијата за деловнички прашања.
„На Комисијата за деловнички прашања ќе се разгледува колизијата на некои членови од Деловникот и ќе викнеме експерти и тие да донесат квалитетни заклучоци кои ќе ни служат за во иднина. На пример, имавме случај со интерпелацијата за моето работење. Според Деловникот, секоја втора пленарна седница треба да почне со предлог од опозицијата. Во исто време, Деловникот вели и дека интерпелацијата треба да се најде на дневен ред на следната седница. Се погоди да имаме втора седница која требаше да почне со предлог на опозицијата, но и седница на која требаше да биде ставена интерпелацијата на дневен ред. Јас одлучив дека интерпелацијата има поголема тежина, но опозицијата можеше да се буни“,
објасни Гаши.
Тој не сакаше да ја коментира информацијата дека Европската Унија ќе ги продолжи преговорите со Албанија и дека таа ќе се одвои од С Македонија. Гаши рече дека имал став по ова прашање, но не сакал да навлегува во политика, бидејќи бил посветен на Собранието.
„Голем поборник сум за членство во ЕУ и секое заостанување на тој пат не е добро. Посакувам во Собранието што побрзо да имаме договор да ги почнеме процедурите за уставни измени. Се залагам за консензус што побрзо да се договориме и да одиме напред“,
изјави собранискиот спикер.