Доколку уставните измени не поминат, според лидерот на Алтернатива, потребно е веднаш да се распишат парламентарни избори и да се изнаоѓа решение за евроинтеграцискиот процес на земјава бидејќи, како што вели, во тој случај ќе нема никаква смисла да продолжи кревкото мнозинство во парламентот
Моите информации се дека уставните измени нема да поминат, бидејќи самиот начин на кој е донесен предлогот во Собрание зборува за тоа дека на владејачкото мнозинство не му е умот во тоа дали ќе поминат уставните измени, туку да ја стави опозицијата во искушение и тоа да има влијание врз наредниот изборен резултат.
Ова во интервју за порталот „Локално“ го изјавил лидерот на опозициската Алтернатива, Африм Гаши.
Говорејќи од личен аспект, лидерот на Алтернатива вели дека би сакал уставните измени да бидат усвоени, но како што нагласи, тоа не зависи од бројот на пратеници од неговата партија.
„Што се однесува на нашиот став околу уставните измени, за конечниот начин на гласање на нашите пратеници ќе одлучат партиските органи, но фактот што Владата не го зеде во предвид нашиот предлог за уставниот амандман за борба против корупција или, пак, не сакаше ниту да слушне за доследното именување на албанскиот јазик во Уставот и отстранување на навредливиот еуфемизам 20 отсто е доволен показател за пристапот кој го има оваа Влада кон уставните измени и воопшто, кон интеграцискиот процес – не сака меѓуетничка кохезија, не сака борба против корупцијата, а во меѓувреме глуми европска интеграција. Останува на 18 август ова да се потврди“,
вели Гаши во интервјуто.
Доколку уставните измени не поминат, според Гаши, потребно е веднаш да се распишат парламентарни избори и да се изнаоѓа решение за евроинтеграцискиот процес на земјава бидејќи, како што вели, во тој случај ќе нема никаква смисла да продолжи кревкото мнозинство во парламентот.
„Во однос на тоа каква би била нашата перспектива без евроинтеграција, би се воздржал од коментар, бидејќи јас во никој случај не можам да замислам такво сценарио. Ама, бидете сигурни би било мрачно“,
рече тој.
Гаши порача е дека постои некакво влијание од Русија или Кина за спречување на евроинтеграцискиот процес, но, како што рече, тоа не треба да не заплашува, бидејќи нашето општество е цврсто определено за западниот курс.
Процедурата за уставни измени почна минатата недела, откако собраниската Комисија за уставни прашања со 10 гласа „за“ и седум „против“ го поддржа предлогот на Владата за пристапување кон измена на Уставот.
Иако дебатата пред собраниската Комисија можеше да трае 10 дена, таа заврши за околу два часа, откако од името на пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, координаторот Никола Мицевски го повтори ставот дека нема да поддржат уставни измени. Ниеден друг пратеник од ВМРО-ДПМНЕ не се вклучи во расправата на комисиската седница.