До денеска, вели тој во писменото соопштение, не добил официјално известување за оставка од ниту еден претседател на комисија
Собранискиот спикер уште еднаш го повторува ставот дека интерпелацијата, по својата природа, не носи правни последици или ефекти
По прозивките од дел од партиите и барањето одговори од новинарите што по изгласувањето на интерпелацијата на претседателката на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади, Илире Даути, попладнево од кабинетот на претседателот на Собранието Африм Гаши излегоа со став дека неговата улога како собраниски спикер завршила со крајот на процесот на интерпелација.

За прашањата за разрешување или оставки, Гаши упатува на Комисијата за прашања изборите и именувањата, пратеничките групи или пратениците.
До денеска, вели тој во писменото соопштение од неговиот кабинет, не добил официјално известување за оставка од ниту еден претседател на комисија.
„Мојата улога како претседател заврши по завршувањето на процесот на интерпелација, како што се случи во случајот со интерпелацијата поднесена против мене пред неколку месеци. Прашањата како што се разрешувања или оставки се процедури на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, пратеничките групи или пратениците. До денес, не сум добил официјално известување за оставка од ниту еден претседател на Комисија. Од процедурална гледна точка, ова прашање е решено. Секое друго толкување освен ова е едноставно политичка реторика за дневна употреба и нема никаква правна основа, во која јас како претседател на Собранието нема да учествувам“,
се вели во соопштението од кабинетот на собранискиот спикер.
Според Гаши, негова главна улога е да го почитува и спроведува Деловникот и процедурите на Собранието и во тој контекст, претседателот на парламентот додава дека интерпелацијата на претседателката на Комисијата за социјална политика, демографија и млади, Илире Дауит, целосно била спроведена во согласност со Деловникот, Уставот и законите.
„Важно е да се напомене дека интерпелацијата, по својата природа, не носи правни последици или ефекти“,
го повторува својот став Гаши во денешното соопштение.
Интерпелацијата за Даути, која во ноември ја поднесе Левица, а се најде на првата пленарна седница на законодавниот дом во новата година, ја поддржаа 61 пратеник. За интерпелацијата покрај пратеници на Левица гласаа и нивни колеги од владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ.
Прашањето што веднаш се отвори е дали по интерпелацијата Даути повеќе не треба да ја води оваа Комисија и на нејзино место треба да дојде друг пратеник од редовите на опозициската коалиција „Европски фронт“ предводена од ДУИ, бидејќи според распоредот во Собранието тоа место им припаѓа ним.
Од опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) го повикаа собранискиот спикер Гаши да каже кои се следните чекори што ќе се преземат откако во петокот на пленарна седница беше изгласана интерпелацијата на Даути.
„Иако ѝ беше изгласана недоверба на претседателката на Комисија за социјална политика, Илирие Даути, претседателот на Собранието Африм Гаши вели дека тоа не е обврска за нејзино разрешување и дека нема правно дејство. Сега, откако е изгласана интерпелација, односно недоверба, исто така одговорност на претседателот на Собранието е да соопшти што ќе преземе и кои се неговите следни чекори“,
рекоа вчера од СДСМ.
Од опозициската партија посочија дека нема да навлегуваат во, како што ја ословија, фарсата што во македонското Собрание ја прават Левица, ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ, но сметаат дека не може интерпелација да нема никаква правна последица.
Според СДСМ, целата одговорност околу несвикувањето седница за Законот за бранители, што беше причина за поднесување на интерпелацијата од страна на Левица, и по усвоената недоверба за Даути е кај претседателот на Собранието.

Пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, денеска одговарајќи на новинарско прашање рече оти не е важно кој покренал интерпелација и која била темата или причината, туку важно е дали е прекршен Деловникот за работа на Собранието или не.
Во таа насока, Лефков изјави дека пратениците со гласањето донеле одлука дека Деловникот е прекршен и дека од тој момент претседателката повеќе нема морален кредибилитет да ја води комисијата.
„Никој не го оспорува правото на опозициската коалиција предводена од ДУИ да си предложи нов претседател (на Комисијата) и сигурни сме дека коалицијата СДС-ДУИ-Левица ќе го поддржат новиот предлог, како што често пати ја координираат опозициската активност во Собранието“,
рече Лефков.
Вчера, со пишана изјава се огласи Илире Даути која рече дека, според донесениот заклучок, изгласувањето на интерпелацијата значи нејзино разрешување или дејствување под диктат на Левица и ВМРО-ДПМНЕ.
„Соочена со изборот помеѓу губење на функцијата претседател на Комисијата и дејствување под диктат, според условите поставени од Левица и предложени како заклучок од Африм Гаши, не се сомневам дека ќе ја прифатам слободата на дејствување како пратеничка, како што сум правела досега, слободно и независно. Секој граѓанин треба да биде таков, без разлика на различноста што ја имаме“,
вели Даути.
Сепак, таа во пишаната изјава не кажа децидно дали ова значи дека ќе си поднесе оставка од функцијата.