Бараме од претседателот на Собранието итно да ја стави на гласање потребата од промена на Уставот, со цел да ја поминеме што побргу првата фаза на уставните измени и да влеземе во суштинскиот процес на тие измени. Освен тоа, го повикуваме да не се крие зад неоснованите оправдувања, туку да ги стави амандманите за измена на навредливото именување ’20%’ за албанскиот јазик, како и амандманот против застареност на случаите на политичка корупција, рече Гаши
Лидерите на албанскиот опозициски блок, Африм Гаши, Биљал Касами и Изет Меџити, пред утрешната собраниска седница на која на дневен ред се уставните измени, денеска побараа од претседателот на Собранието, Талат Џафери, освен оваа точка на седницата да бидат ставени и амандманите за бришење на одредницата „20 проценти“, како и амандманот против застареност на случаите на политичка корупција.
Гаши, Касами и Меџити рекоа дека за нив нема дилема дека европската интеграција е највисоката политичка, партиска и национална визија, од која не само што нема алтернатива туку, како што рекоа, ваквата заложба го подразбира и секој чекор на политичкото дејствување и соработката со другите.
На прес-конференцијата пред Собранието тие рекоа дека додека се зборува за стратешката определба за интеграција во ЕУ, сакаат на Џафери да му пренесат неколку пораки.
„Најпрво, бараме од претседателот на Собранието итно да ја стави на гласање потребата од промена на Уставот, со цел да ја поминеме што побргу првата фаза на уставните измени и да влеземе во суштинскиот процес на тие измени. Освен тоа, го повикуваме да не се крие зад неоснованите оправдувања, туку да ги стави амандманите за измена на навредливото именување ’20%’ за албанскиот јазик, како и амандманот против застареност на случаите на политичка корупција. Меѓуетничката кохезија и борбата против корупцијата се европски вредности и принципи, исто како и обврската за добрососедските односи, ако не и повеќе“,
рече Гаши.
Тој ги повикаа сите пратеници, без разлика на нивната политичка, етничка и идеолошка припадност, итно, без дискусија и без никакво одлагање, да гласаат за потребата од промена на Уставот и предложените амандмани. На овој начин, додаде тој, сите ние докажуваме на која страна сме и која е нашата стратешка определба.
„И додека зборуваме за ова гласање, доколку на краток рок не се обезбеди потребното мнозинство за гласање на првата фаза од уставните измени, ќе биде јасно дека овој парламентарен состав нема капацитет да ги деблокира преговорите за ЕУ-интеграција. Ако ова се покаже како точно, не треба да губиме ни час повеќе. Во тој случај, односно доколку нема доволно мнозинство да се гласа првата фаза од уставните измени, повикуваме да се гласа за распуштање на Парламентот и распишување на предвремените избори, за да се бара друг парламентарен состав кој ќе има капацитет и политичка волја за протуркање на интегративните процеси кон Европската Унија“,
рече Гаши.
Гаши, Касами и Меџити рекоа дека го поддржуваат процесот и дека се тука да водат битка со сите оние што го попречуваат овој пат, било со одлагање, како што тоа го прави власта, било со одбивање, како што го прават некои опозициски партии.
На новинарско прашање како ќе се оди на предвремени избори, со оглед на тоа декa опозицискиот состав нема доволно пратеници за да ги изгласа предвремените избори, Гаши рече дека тоа е прашање за Владата, затоа што власта, како што кажа, е за уште еден час повеќе или ден повеќе да остане на власт и дека за нив само тоа е важно и ништо друго.
Во однос на прашањето дали ќе се направи парламентарна група од пратениците на овие три партии, Гаши информира дека во тек се преговори за тоа и дека тоа како можност не се исклучува, но и дека е прашање на време кој чекор попрво ќе се направи.
Собранието утре и официјално започнува со работа со 123. седница на која единствена точка на дневен ред е Предлогот за пристапување кон измена на Уставот на Република Северна Македонија. Седницата е закажана со почеток во 11 часот со утврдување на дневниот ред, по што треба да почне претресот за потребата од носење на уставните измени.