„Почитувајќи го начелото на презумпција на невиност и независноста на судските органи, претседателот на Собранието се воздржува од какви било прерани коментари. Основен приоритет е да им се овозможи на надлежните институции да ја завршат својата работа без било какви притисоци или влијанија“, соопштија вечерва од кабинетот на претседателот на Собранието
Претседателот на Собранието, Африм Гаши ќе чека правосудните органи да ја завршат постапката со претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Татјана Димитровска, па зависно од исходот ќе одлучи дали ќе иницира процедура за нејзино разрешување.

Во меѓувреме, како што соопштија денеска од кабинетот на Гаши, тој ќе се воздржи од кави било прерани коментари во врска со актуелените настани поврзани со првата антикорупционерка, која е осомничена во проширената истрага за случајот „Адитив“.
„Почитувајќи го начелото на презумпција на невиност и независноста на судските органи, претседателот на Собранието се воздржува од какви било прерани коментари. Основен приоритет е да им се овозможи на надлежните институции да ја завршат својата работа без било какви притисоци или влијанија“,
се вели во соопштението од кабинетот на собранискиот спикер.
Сепак, како што се додаваат оттаму, доколку наводите бидат потврдени низ судска постапка, претседателот на Собранието ќе постапи без двоумење и ќе иницира соодветна собраниска процедура за разрешување на Димитровска.
„Одговорноста за зачувување на кредибилитетот и интегритетот на институциите е врвен приоритет и обврска која не трпи компромис“,
се додава во соопштението.
Во меѓувреме расте притисокот од јавноста и колеги на Димитровска, кои сметаат дека таа треба да си поднесе оставка.
Поранешната прва антикорупционерка Билјана Ивановска денеска порача дека претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска, мора веднаш да поднесе оставка од функцијата бидејќи сè уште ја инфицира институцијата. Димитровска минатата недела се најде меѓу осомничените во проширената истрагата на ОЈО ГОКК за случајот „Адитив“ бидејќи, според Обвинителството, му оддавала службени тајни на друг обвинет во случајот.
Денеска се огласија и од ДКСК, од каде преку писмено соопштение информираа дека институцијата продолжува да ги спроведува своите тековни активности и обврски останувајќи целосно доследна на принципите на интегритет, транспарентност и владеење на правото.
Оттаму уверуваат дека постапките за утврдување индивидуална одговорност не ја поткопуваат институционалната и колективната посветеност.