„Да чиниме се што чинеа великаните кои ја создадоа државата во која живееме денес, како Методија Андонов Ченто и Неџат Аголи. Да оставиме белег на кој што ќе се гордеат нашите предци и пример доследен за поколенијата“, вели претседателот на Собрнаието
Илинден не е ограничен, зашто тој ни припаѓа на сите. Поаѓајќи од 1903 година, па преку 1944 година и на сите кои денес вложуваме во европска Македонија. Секој 2 август Илинден одново се раѓа и живее со секоја следна генерација која сонува и делува за подобра Македонија. Ова денеска во неговиот говор пред Собранието го порача спикерот Африм Гаши по повод 2 Август, Денот на Републиката-Илинден, посочувајќи дека заложбата на Илинденците, видоизменета трае и денес, а дека токму таа заложба е за напредок на државата и подобра иднина за поколенијата.
„Како мултиетнилка, мултикултурна и мултифункционална, нашата држава е уникатен гоблен извезен од сите различности. Тие различности се темелот врз кој се развива и напредува и денес нашата држава. Ова е во духот на вредностите што беа промовирани и во Крушевската Република, како и во Асномска независна Македонија“,
рече тој.
Според него, Илинден е семето на визонерството, заедништвото, храброста, потсетник на заедничките вредности околу сеобединување, кои ги славиме и празнуваме, а само преку единство ќе можеме да се издигнеме и да постигнеме величина.
„Да се издигнеме над состојбите и да најдеме фактори на обединување, наместо на разединување. Ја користам оваа прилика да повикам да не се губи енергија на несуштински и споредни моменти, туку да се фокусираме на реформи и на напредок во образованието, здравството, судството, дигитализацијата и прашањата за подобрување на секојдневието на граѓаните“,
вели претседателот на Собранието.
Токму Крушевскиот манифест од 1903 година, вели Гаши е обединувачкиот документ за сите што и посакале добро на нашата земја.
„Идејата која треба да не обедини денес е патриотизмот и заедничката цел за подобра држава. Патриотизмот е многу повеќе од парола. Тој е искрена посветеност кон нашата земја и нашите граѓани. Патриотизмот е влог во државата преку чесна работа, добри одлуки“,
рече спикерот Гаши.
Најуспешниот резултат на државата, како што вели Гаши, е членството во НАТО, а имајќи го во предвид угледот кој го уживаме како рамноправен член на Алијансата, нашата одговорност кон одбраната во наредниот период ќе расне, особено во време на конфликти не само во Европа, туку и во други делови од светот.
Како што рече, втората траса од нашиот пат, онаа кон Европската Унија, се уште трае.
„И покрај низа предизвици, јас сум убеден дека ние ќе изнајдеме решенија, сила и волја и на тој пат, за да ги надминеме и час поскоро да бидеме членка на ЕУ. Ние мора да се фокусираме на нашите аспирации за иднината. Нашето членство во ЕУ не е само политичка цел, тоа е посветеност на збир на вредности и принципи кои ќе ја унапредат нашата држава. Патот до членство во ЕУ е пат кон економски просперитет, социјален напредок и посилна демократија. Тоа е патување кое бара посветеност, напорна работа и колективна одговорност“,
вели тој.
Заедно со пратениците, вели дека се подготвени на враќање на довербата во правото и правдата како столб на стабилноста и хармонијата во општеството. Посочи дека е привилегијата да се живее во просперитетна и стабилна држава, што не е право кое ни следува само по себе, туку треба сериозно и посветено да се имплементираат реформи во сите сфери на општеството и гранките на државно управување.
„Темел на тие реформи е враќањето на суштинските вредности, како семејните вредности, меѓусебното почитување и соживотот. Само со здрави темели може да се изгради здрава и напредна држава. Да чиниме се што чинеа великаните кои ја создадоа државата во која живееме денес, како Методија Андонов Ченто и Неџат Аголи. Да оставиме белег на кој што ќе се гордеат нашите предци и пример доследен за поколенијата“,
рече Гаши.
На крајот од говорот, спикерот посочи дека треба да ја искористиме нашата колективна сила за да ги надминеме предизвиците и да ги искористиме можности, оти заедно можеме да создаме општество кое не само што ќе го почитува своето минато, туку ја прифаќа иднината со доверба и одлучност.
„Време е да ја потврдиме нашата посветеност на единство, солидарност и напредок. Да работиме рака под рака за да изградиме подобро утре за сите граѓани“,
вели тој.