Исклучок од севкупниот тренд на изборите за Европскиот парламент беа нордиските земји, каде што левичарските и зелените партии забележаа победи, за разлика од екстремнодесничарските партии кои наидоа на намалена поддршка

Составот на новиот Европски парламент, законодавното тело на Европската Унија (ЕУ), извесно е дека ќе стане покомплициран откако парламентарните избори донесоа измешана слика на целиот континент.
Како што и се очекуваше, партиите од популистичката крајна десница остварија големи придобивки во освоени гласови во многу земји, додека во други партиите од десниот центар ја задржаа доминацијата, а во дел од земјите членки на ЕУ изненадувачки добри резултати постигнаа левичарските партии.
Еве што вели анализата на „Гардијан“ врз основа на прелимираните резултати во неколку клучни земји членки на Унијата.
Австрија
Австрискиот канцелар Карл Нехамер вели дека ја слушнал пораката од гласачите и оти ќе се обиде да ги реши нивните грижи пред националните избори закажани подоцна оваа година, вклучително и оние што се однесуваат на прашањата за сузбивање на илегалната миграција. Нехамер говореше кратко пред објавувањето на конечните прелиминарни резултати кои покажаа дека прва на изборите за европскиот парламент во ЕУ е екстремнодесничарската партија ФПО со 25,7 отсто освоени гласови, додека веднаш зад неа е владејачката конзервативна Народна партија (ОеВП) со 24,7 отсто.

На трето место се Социјалдмократите со 23,2 отсто, а четврти со двојно заостанување се Зелените кои се дел од актуелното владино мнозинство во Австрија, како помали партнери на конзервативците. Имено, Зелените на европските избори освоија 10,7 отсто од гласовите или за 14 отсто помалку во споредба со поддршката што ја добија на претходните избори за во 2019 година, забележува „Гардијан“.
Лидерот на антиимигратската крајнодесничарска партија, Херберт Кикл, рече дека австриските гласачи испишале историја и отвориле нова ера во политиката во Австрија и во Европа. Неговата партија се очекува да ги повтори резултатите и на националните избори што се очекува да се одржат во септември, но она што е под знак прашалник е дали ќе успее да најде партнери за да формира владино мнозинство.
Белгија
Вчера во Белгија се одржаа тројни избори на кои граѓаните на земјата, покрај за претставници во Европскиот парламент, гласаа и на општи и регионални избори во земјата.
Местата на земјата во Европскиот парламент беа поделени меѓу екстремнодесничарската популистичка партија Вламс Беланг (Vlaams Belang), либералното Движење реформатор од француско говорно подрачје и националистичката Н-ВА (Нова фламанска алијанса), кои сите собраа приближно 13 отсто од гласовите.
Иако Вламс Беланг успеа тесно да исплива на врвот, потврдувајќи ги резултатите од претходните изборни циклуси, сепак, екстремнодесничарската партија не успеа да ги исполни очекувањата од анкетите.
Данска
Исклучок од севкупниот тренд на изборите за Европскиот парламент, беа нордиските земји, каде што левичарските и зелените партии забележаа победи, за разлика од екстремно десничарските партии кои наидоа на намалена поддршка.
Данска забележа изненадувачки пораст на поддршката за Социјалистичката народна партија (СФ), која стана најсилна партија со 17,4 отсто од гласовите, што е за 4,2 процентни поени повеќе во споредба со резултатот од 2019 година – со сите преброени гласови. Владејачките социјалдемократи загубија 5,9 процентни поени освојувајќи 15,6 отсто од гласовите.

Премиерката Мете Фредериксен рече дека СФ е политички најблиска партија до нејзините социјалдемократи и дека е среќна што гледа дека левичарските партии добиваат на сила.
„Во големи делови од Европа, десното крило постигна значителен напредок. Овде во Данска се издвојуваме“,
рече таа во објавата на Инстаграм.
Франција
Можеби најизненадувачкиот одговор на порастот на поддршката за популистичките партии беше од претседателот на Франција, Емануел Макрон, кој распиша предвремени парламентарни избори по катастрофалниот пораз од екстремно десничарскиот Национален фронт на Марин Ле Пен.
Нејзината партија освои околу 32 проценти од француските гласови, повеќе од двојно од 15 проценти колку што освои центристичкиот блок на Макрон.
„Не можам да се однесувам како ништо да не се случило“,
рече Макрон додека ги најавуваше изборите за Националното собрание на 30 јуни (прв круг) и 7 јули (втор круг).
На левата страна, француската Социјалистичка партија, која долго време беше маргинализирана, ја зголеми поддршката на 14 отсто од гласовите, со ветувања за поамбициозна климатска политика и заштита на европските бизниси и работници.
Германија
Непопуларната владина коалиција на канцеларот Олаф Шолц од левиот центар загуби од конзервативната опозиција. Конзервативниот блок, во кој доминира Христијанско-демократската унија (ЦДУ), ја задржа својата позиција како најсилна германска партија во Брисел со повеќе од 30 отсто од гласовите.
Проекциите покажаа поддршка за централнолевичарските социјалдемократи на Шолц со 14 отсто, нивниот најлош резултат по Втората светска војна со гласање на национално ниво.
Екстремнодесничарската Алтернатива за Германија (AfD) оствари добивка и покрај низата скандали околу нејзините најдобри двајца кандидати за законодавниот дом на ЕУ. Во меѓувреме, германските Зелени, кои имаат централно значење за глобално важната климатска политика на ЕУ, забележаа пад на поддршката.
Унгарија
Партијата Фидес на унгарскиот премиер Виктор Орбан доби најмногу гласови на европските избори, но нејзиниот настап беше најлош во изминатите години. Партијата на Орбан, според проценките, се очекуваше да освои 43 отсто од гласовите, но доби за 10 процентни поени помала поддршка во споредба со претходните избори за законодавниот дом на ЕУ во 2019 година.
Петер Маѓар, кој ја прекина соработката со партијата на Орбан во февруари, успеа да ја изгради најсилната опозициска партија во Унгарија за неколку месеци, со неговата партија Почит и слобода која се очекуваше да освои 31 отсто од гласовите.
Во говорот пред поддржувачите, Маѓар ги нарече изборите Ватерло на владата на Фидес и „почеток на крајот“.
Италија
Италијанската премиерка Џорџа Мелони им се заблагодари на гласачите по објавувањето на резултатите од излезните анкети кои покажаа дека нејзината тврдодесничарска партија Браќа на Италија освоила околу 28 отсто од гласовите, пред нејзините ривали од левиот центар со околу 25 отсто.

Се предвидува дека партијата на Мелони ќе го удвои бројот на места во Европскиот парламент од последните избори, што ќе ѝ даде уште поголема поддршка отколку на последните национални избори во 2022 година.
Движењето Пет ѕвезди се најде на третото место со 10,5 отсто освоени гласови, што е најлош резултат на ниво на целата земја од неговото создавање во 2009 година.
Единственото разочарување за сите партии е излезеноста, која беше нешто под 50 отсто, сугерираат првичните податоци, што е рекордно ниско ниво во земја која има историски силна партиципација на гласачите на избори.
Холандија
Во Холандија екстремнодесничарската партија на Герт Вилдерс беше втора зад сојузот Лево-Зелени не успевајќи да ги исполни предизборните очекувања.
Партијата Слобода освои 17 отсто од гласовите, додека сојузот Лево-зелени, предводен од поранешниот потпретседател на Европската комисија Франс Тимерманс, доби 21 отсто од гласовите.
Полска
Поранешниот претседател на Советот на ЕУ и актуелен полски премиер, Доналд Туск, тесно ја победи опозициската партија Право и правда, која управуваше со земјата од 2015 до 2023 година насочувајќи ја понатаму надесно.

Прелиминарните резултати покажуваат дека партијата на Туск победи со нешто повеќе од 37 отсто од гласовите, во споредба со 35 отсто колку што освоија неговите ривали.
„Од овие големи, амбициозни земји, од лидерите на ЕУ, Полска покажа дека тука триумфираат демократијата, чесноста и Европа. Толку сум трогнат. Покажавме дека сме светлина надеж за Европа“,
рече Туск пред поддржувачите.
Шпанија
Лидерот на шпанската конзервативна Народна партија (ПП) најави нов „политички циклус“ откако успеа да излезе прва пред владејачките социјалисти.
ПП синоќа освои 34,2 отсто од гласовите и 22 места, додека шпанската Социјалистичка работничка партија (ПСОЕ) освои 30,2 отсто и 20 места, а крајнодесничарската партија Вокс заврши на третото место со 9,6 отсто и шест места, за две повеќе од 2019 година. Другата екстремнодесничарска фракција Se Acabó la Fiesta имаше нагласено деби, освојувајќи три места, ист број како и коалициските партнери на ПСОЕ од левичарската платформа Сумар. Подемос, што некогаш се сметаше за партија што може да го засени ПСОЕ, забележа слаб резултат освојувајќи две од претходните шест места во Европскиот парламент. Ahora Repúblicas, коалицијата на регионални националистички партии, вклучувајќи групи од Каталонија и Баскија, освои три места.
Лидерот на ПП, Алберто Нуњез Фејо, кој се обиде да ги направи изборите референдум за владата на премиерот на ПСОЕ, Педро Санчез, ги поздрави резултатите и истакна дека неговата партија освоила 700 000 гласа повеќе од социјалистите.
„Гледаме нов политички циклус. Соочени сме со нова политичка одговорност, која ја прифаќаме понизно и со чувство на државничко однесување. Очигледно е дека ѕидовите исчезнаа и наместо тоа повторно ќе градиме мостови. Очигледно е дека дискурсот на стравот не победи“,
рече тој.
Санчез и честиташе на ПП, но рече дека резултатите од неделата покажале дека неговата партија е единствената владејачка опција способна да се спротивстави на екстремно десничарскиот бран што ги зафаќа Европа и Шпанија.