Од месната заедница очекуваат соодветна и навремена реакција на надлежните институции и нормализирање на состојбата, бидејќи како што посочува нејзиниот претседател Александар Костиќ-Мијак, проодноста на патот не е само од важност за Галичник, туку преку него се обезбедува и пристап за сервисирање во случај на дефект на 110 киловолтниот далновод
Селото Галичник може да остане непристапно за новогодишните и божиќните празници бидејќи регионалниот пат што води до ова планинско место во западниот дел од државава е непрооден поради натрупаниот снег.
Ваквата состојба трае речиси еден месец, реагираат од месната заедница, од каде ги повикуваат надлежните што поскоро да реагираат и да обезбедат проодност.
Ова не е единствениот проблем со кој се соочуваат. Имало и дефект во мрежата за снабдување со електрична енергија. Тој бил саниран, но проблемот проодноста поради неисчистениот снег на патот останува.
Претседателот на месната заедница, Алескандар Костиќ-Мијак за МИА вели дека досега никој не се одзвал на апелите што ги упатиле уште минатиот викенд за да се обезбеди проодност на патот од Маврово до селото.
Вели дека многумина сопственици на имот во селото имаат редовни работни обврски поврзани со повремено присуство во Галичник и на кои им е потребен постојан пристап.
„Во селото има 230 куќи, во кои сопствениците не можат да дојдат, а има и тројца постојани жители. Очекуваме да ни се овозможи проодност до Галичник кој веќе трета недела е отсечен од патна комуникација. Сакаме да укажеме дека според активните сообраќајни законски норми станува збор за регионален пат кој мора да биде постојано прооден“,
вели Костиќ за државната новинска агенција.
Од месната заедница очекуваат соодветна и навремена реакција на надлежните институции и нормализирање на состојбата, бидејќи како што посочува Костиќ, проодноста на патот не е само од важност за Галичник, туку преку него се обезбедува и пристап за сервисирање во случај на дефект на 110 киловолтниот далновод.
„Покрај патот поминува и стратешкиот 110 киловолтен далновод, врската помеѓу централите ‘Шпиље’ и ‘Вруток’. Во вакви услови и непроодност, поправката на дефектот би се оддолжила на подолг рок, па и од таа причина е важно да се обезбеди проодност и да се исчисти снегот“,
вели Костиќ, напоменувајќи дека со најавите за нов, чистењето на стариот снег треба да биде интервентно.