Од 35 ученици во класот, се собраа 27. Ги организирал Апостол Арбелски, некогашен учител во основно школо и во гимназија во Дебар. Арбелски завршил високо образование на Филолошкиот факултет во Скопје – отсек книжевност, а професори му биле Блаже Конески, Горан Видоевски и Кирил Пенушлиски
Матурантите од учителската школа „Никола Карев“ во Скопје (генерација 1958/62 год), денеска ја одбележаа 61-годишнината од завршувањето на нивното средно образование. Тие со цвеќе в рака, пред порталот на некогашното училиште, единствениот остаток од овој објект, се присетија на средношколските денови и убавите спомени.
Од 35 ученици во класот, се собраа 27. Ги организирал Апостол Арбелски, некогашен учител во основно школо и во гимназија во Дебар. Арбелски завршил високо образование на Филолошкиот факултет во Скопје – отсек книжевност, а професори му биле Блаже Конески, Горан Видоевски и Кирил Пенушлиски.
„Ги имам броевите од сите мои соученици, се разбира оние кои се се уште живи. Сите сме учители и токму затоа се организираме и среќаваме секоја година токму на овој ден, Денот на светите просветители Кирил и Методиј“,
вели Арбелски во изјава за „360 степени“.
Тој оценува дека моделот на учење и образование од негово време и сегашниот, се неспоредливи. Нашиот модел, посочува Арбелски, беше германски, а овој сегашниот е турлитава.
„Во наше време беше друго, тоа беше период на колективен идентитет и од таа релација и го имаме се уште друштвото. Сега постои индивидуален колективитет, односно, не се знае кој е ученик, а кој е професор“,
додава Арбелски.
Тој ни раскажа и на кој начин неговите професори го учеле, но и како тој им предавал на свооите ученици.
„Мојот професор на факултетот за книжевност Димче Левков ни велеше: Кога ќе обработувате лирика, немој да барате од учениците да ви прераскажуваат, туку треба да го доживеат лирското чуувство. Ако го доживеат, тогаш сте ја завршиле работата. Еднаш со моите ученици го рабоотевме ‘Тешкото“ на Блаже Конески и јас се прашав, како можам да го разбудам патриотското чувство кај нив. Отидовме во аудио соба за странски јазици во која имаше еден чешки магнетофон со два канала. На едниот канал одеше ‘Тешкото’, а на другиот рецитацијата. Немаше дете кое не ја совлада таа проблематика“,
вели учителот во пензија.
Според него, во последно време многу малку се негува македонскиот литературен јазик. Оние кои се задолжени да говорат стандарден јазик, и тие не го почитуваат, нагласува Арбелски. Има дури и неписмени кои се обидуваат да говорат македонски, но тоа не е тоа, додава тој.
Учителската школа во Скопје најпрвин била отворена кон крајот на 19 век како османлиско средно училиште познато под името Идадија. Главни иницијатори за отворање на училиштето биле скопскиот валија Хафиз Мехмед-паша и скопскиот градоначалник Салих Асим. Тоа се наоѓало во денешниот Градски парк, тогаш познат под името Ислахански парк. Во него можеле да учат деца од сите вероисповеди, а од 1895 година училиштето добило и интернат. Подоцна ова училиште прераснало во Учителска школа. Таа работела сè до земјотресот во 1963 година, кој речиси целосно ја уништил зградата, со исклучок на порталот на училиштето.